Северна Македонија не успеа да постигне политички договор за измените на Изборниот законик до истекот на рокот утврден во рамките на реформската агенда поврзана со Планот за раст на Европската унија, со што земјата ризикува да остане без 4,2 милиони евра европски средства.
И покрај повеќемесечните разговори и повиците од Европската унија за компромис, власта и опозицијата не ги надминаа несогласувањата околу изборните правила.
Европскиот амбасадор во Скопје, Михалис Рокас, и еврокомесарката за проширување Марта Кос претходно ги повикаа политичките партии да постигнат договор, нагласувајќи дека измените се дел од реформските обврски на земјата и предуслов за исплата на следната транша средства од европскиот План за раст.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ инсистира меѓу измените да биде вклучено електронско или поштенско гласање за дијаспората, додека опозициските партии остануваат на спротивни позиции. Во меѓувреме, меѓусебните обвинувања за блокирање на процесот дополнително ги продлабочија политичките разлики.
Неуспехот да се усвојат измените претставува уште едно одложување на изборните реформи, кои Европската унија ги смета за важен дел од реформската агенда на Северна Македонија.
Од Европската комисија засега нема официјална реакција дали средствата ќе бидат трајно изгубени или ќе постои можност реформата да биде исполнета во дополнителен рок. Политичките партии, пак, продолжуваат меѓусебно да ја префрлаат одговорноста за неуспехот на преговорите.

