Apple поднесе тужба против OpenAI и двајца поранешни вработени во компанијата, обвинувајќи ги за систематска кражба на деловни тајни и доверливи информации со цел да се забрза развојот на хардверските производи на OpenAI.
Тужбата е поднесена до Федералниот суд во Северна Калифорнија и претставува драматична ескалација на односите меѓу компаниите, кои во 2024 година воспоставија партнерство преку интеграцијата на ChatGPT во уредите на Apple.
Apple тврди дека OpenAI, преку поранешни инженери и раководители, незаконски прибирал доверливи информации за производи, производствени процеси и синџирот на снабдување.
Во тужбата се наведува дека поранешниот потпретседател за дизајн на iPhone и Apple Watch, Танг Тан, кој сега е главен директор за хардвер во OpenAI, и поранешниот инженер Чанг Лиу имале клучна улога во прибирањето доверливи информации во корист на OpenAI.
Apple тврди дека OpenAI охрабрувал кандидати кои сè уште работеле во Apple за време на интервјуата да презентираат доверливи информации, па дури и прототипови и технички материјали поврзани со идни производи. Компанијата наведува дека повеќе од 400 поранешни вработени од Apple денес работат во OpenAI.
„На сите нивоа, од техничкиот персонал до главниот директор за хардвер, OpenAI ги присвојувал деловните тајни и доверливите информации на Apple“, се наведува во судската документација.
OpenAI ги отфрли обвинувањата, соопштувајќи дека нема интерес за деловните тајни на конкурентите и дека останува фокусиран на развој на иновативна технологија.
Apple бара судење пред порота, надомест на штета, уништување на сите доверливи материјали што евентуално се поседуваат и измени на идните хардверски производи на OpenAI за да се осигури дека не содржат технологии развиени од Apple.
Случајот претставува најголемиот правен судир меѓу двете компании досега и би можел дополнително да ги усложни плановите на OpenAI за проширување на пазарот на потрошувачки уреди и подготовките за потенцијална јавна понуда на акции.

