27.6 C
Скопје
29 јули, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Водата во Гостивар сè уште не е за пиење: Откриена нова бактерија во мрежата

Водата од водоводниот систем во Гостивар и понатаму не е безбедна за пиење и подготовка на храна и може да се користи само за технички потреби, изјави премиерот Христијан Мицкоски, наведувајќи дека иако фекалните колиформни бактерии повеќе не се присутни во мрежата, при процесот на прочистување и хиперхлорирање е регистрирана нова резидуална бактерија.

„Во овој момент водата во Гостивар останува да се користи како техничка. Во инсталацијата веќе ги нема оние фекални колиформни бактерии, но се појави нова резидуална бактерија која е присутна поради тоа што долго време инсталациите не биле користени. Очекувам и овој предизвик да биде надминат, по што конечно ќе се одобри водата и за пиење и за готвење“, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека надлежните служби продолжуваат со прочистување, дезинфекција и микробиолошки мониторинг на водоводната мрежа, а ограничувањата ќе останат во сила сè додека не биде добиено официјално одобрение од надлежните институции.

Во меѓувреме, министерот за здравство Сашо Клековски изјави дека епидемиолошката состојба во Гостивар се стабилизира и дека бројот на новорегистрирани случаи постепено се враќа на нивото пред почетокот на кризата на 25 јуни.

„Сметаме дека настанува смирување на епидемијата. Крај на епидемијата може да се прогласи дури кога епидемиолошките анкети ќе покажат дека веќе нема случаи поврзани со градскиот водовод во Гостивар. Дел од новите заболени може да се должат и на други причини“, рече Клековски.

Тој нагласи дека водата ќе биде прогласена за безбедна за пиење и подготовка на храна откако во сите контролни точки ќе биде постигнато соодветно ниво на резидуален хлор и микробиолошките анализи ќе покажат дека нема загадување.

Покрај состојбата во Гостивар, Министерството за здравство соопшти дека се потврдени три нови случаи на вектор-преносливи заболувања – двајца пациенти се лекуваат на Клиниката за инфективни болести, а еден на Клиниката за неврологија. Според Клековски, дел од заболените не патувале надвор од државата, што укажува на локална циркулација на вирусот во подрачјето на Скопско Поле.

Министерот рече дека Комисијата за заразни болести сега го насочува фокусот кон следење на вектор-преносливите заболувања, вклучително и западнонилската треска. Тој посочи дека најголемиот дел од инфекциите се асимптоматски, додека потешките форми најчесто се јавуваат кај лица постари од 60 години и кај пациенти со хронични заболувања.

Клековски најави и интервентен увоз на неопходни лекови, меѓу кои и терапии за маларија, доколку тоа биде потребно за справување со актуелната состојба.

Related posts

Таравари изрази разочараност од Курти поради мешање во внатрешни прашања

admin

Врвна дипломатка ја напушта функцијата по само една година

admin

ДУИ го поздрави усвојувањето на законите и порача:”КОРИДОРИТЕ ЌЕ СЕ ГРАДАТ!”

admin

ЕУ бараше со години, Владата конечно реагира: Доаѓа закон за високите раководители

admin

ДУИ: Тошковски и Коцевски инсценираат „трансакциска правда“ за трагедијата во Кочани

admin

Белата куќа без одговор: Колку чини војната со Иран?

admin