Партиите и натаму немаат договор за измените на Изборниот законик, откако спорот околу начинот на гласање на дијаспората го блокираше процесот и ја закочи работата на собраниската Комисија за политички систем.
Координаторите на пратеничките групи утре повторно треба да седнат на заедничка маса во обид да постигнат компромис, во пресрет на роковите поврзани со Реформската агенда на Европската Унија.
Претседателот на Собранието Африм Гаши изјави дека принципиелно го поддржува електронското гласање на дијаспората, но само ако државата обезбеди тајност и безбедност на гласањето.
„Јас сум за електронско гласање на дијаспората, па дури и за тоа да се овозможи и во земјава. Но, државата мора да обезбеди тајност на гласањето“, рече Гаши.
СДСМ обвинува дека ВМРО-ДПМНЕ се обидува да отвори простор за манипулации со повеќе од 200.000 гласови од дијаспората. Портпаролката Богданка Кузеска изјави дека предлогот за електронско гласање, а потоа и за гласање по пошта, не обезбедува доволна контрола и заштита на изборната волја.
„Не сме против дијаспората да гласа. Таа гласа и сега. Но сме против модел кој не обезбедува сигурност, транспарентност и заштита на изборната волја“, рече Кузеска.
СДСМ бара Државната изборна комисија, со консензус, да ги утврдува правилата и механизмите за контрола на гласањето на дијаспората.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, ја обвинува опозицијата дека намерно го кочи донесувањето на Изборниот законик и со тоа ги загрозува реформските обврски на државата. Портпаролот Валентин Манасиевски рече дека власта предложила дијаспората да гласа електронски или по пошта, но дека СДСМ го одбива предлогот од страв од изборен пораз.
Премиерот Христијан Мицкоски претходно понуди компромис – ВМРО-ДПМНЕ да прифати една изборна единица и зголемено финансирање за помалите партии доколку се прифати гласањето на дијаспората.
Левица го оцени предлогот за гласање по пошта како прифатлив само доколку важи за претседателските избори и ако власта прифати воведување една изборна единица.
ДУИ, пак, е против гласањето по пошта, оценувајќи дека тоа е нов предлог за кој немало дебата во работната група.
Работата на Комисијата за политички систем е блокирана поради 13.500 амандмани поднесени од СДСМ и Левица, кои треба да бидат преведени пред продолжување на расправата.
Евроамбасадорот Михалис Рокас претходно оцени дека предложените законски решенија добиле позитивни оценки од ОБСЕ/ОДИХР и Европската комисија, но нагласи дека усвојувањето на Изборниот законик зависи од политички консензус.
Процесот останува чувствителен бидејќи изборните правила традиционално се носат со широк политички договор, а отсуството на консензус може дополнително да ја продлабочи политичката криза пред следниот изборен циклус.

