Демократската унија за интеграција (ДУИ) ги повика граѓаните да се приклучат на протест што ќе се одржи на 11 јули во Тетово, поради одлуката со која, според партијата, се враќаат називи од југословенскиот период, меѓу кои и името „Маршал Тито“.
Во соопштението, ДУИ оценува дека станува збор за „неуставна и незаконска“ одлука, која по 19 години поништува решение донесено со консензус меѓу етничките заедници и кое, според партијата, произведувало правни и фактички последици речиси две децении.
Партијата тврди дека Уставниот суд ја донел одлуката без целосно да ја утврди фактичката состојба и без да ја разгледа целокупната документација од Општина Тетово од периодот кога биле донесени измените.
ДУИ наведува дека протестот не е само партиски, туку повик до сите граѓани кои не се согласуваат со, како што оценува, апсурдни одлуки што го враќаат минатото.

