22.9 C
Скопје
23 јуни, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Одбраната го оспорува вештачењето во случајот „Онкологија“

Одбраната на обвинетите во случајот „Онкологија“ во петокот ја оспори темелноста и обемот на медицинското вештачење изработено за Обвинителството, тврдејќи дека експертскиот наод се темели на нецелосна документација и не ги зема предвид националните протоколи и условите во македонското здравство.

Вештото лице од Словенија, Маја Равник од Медицинскиот факултет во Марибор, втор ден по ред повеќе од седум часа одговараше на вкрстени прашања од одбраната на поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, и на останатите обвинети.

Равник изјави дека нејзиниот стручен наод е изготвен исклучиво врз основа на доставената медицинска документација и европските и светските онколошки протоколи.

„Моето мислење е врз основа на документацијата што ми беше доставена и на меѓународните протоколи за лекување. Не го менувам мислењето,“ рече таа пред судот.

На прашање дали побарала дополнителна документација, таа одговори дека побарала оригинални документи за секој пациент и претпоставува дека ѝ била доставена целосната документација од одделот каде што се водел пациентот.

Одбраната на второобвинетата Симонида Црвенкова настојуваше да покаже дека вештачењето не ги земало предвид националните протоколи на Министерството за здравство што важеле во релевантниот период, како и ограничената достапност на одредени скапи терапии.

Равник изјави дека националните препораки вообичаено се потпираат на европските и светските протоколи и дека недостигот на одредени лекови не може да ја оправда употребата на терапија која нема индикација за конкретниот тип на карцином.

„Свесна сум дека секоја држава има тешкотии со достапноста на лекови. Но, доколку одреден лек не е индициран, тоа не може да се заобиколи,“ рече таа.

Во однос на палијативната нега, вештакот нагласи дека нејзината суштина е ублажување на болката и подобрување на квалитетот на животот, а не прекинување на терапијата без соодветна проценка.

Обвинетиот Васев праша дали вештакот бил запознаен со случаи во кои пациенти биле лекувани и во странство или со документација што не била опфатена во доставениот материјал. Равник одговори дека во документацијата што ја разгледувала немало такви податоци и дека мислењето го темели исклучиво на официјално доставените записи.

Равник изработила вештачење за медицинската документација на 51 пациент на Клиниката за онкологија. Претходно, одговарајќи на прашања на обвинителството, таа изјави дека кај дел од пациентите била воведена имунотерапија без претходна молекуларна анализа, што според неа е несоодветно и довело до прогресија на болеста. Наведе и примери на примена на лекови без соодветна индикација, како и давање хемотерапија во терминална фаза.

Покрај Васев, обвинети се и онколозите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, вработени на Клиниката за радиотерапија и онкологија – Скопје, под обвинение за несовесно лекување пациенти. Постапката првично опфати и уште една онкологинка, Мери Пешевска, која призна вина и доби условна казна затвор од две години.

Обвинението ги товари лекарите за продолжени тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување, наведувајќи дека кај 29 пациенти биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна проценка на здравствената состојба. Против Васев и поранешниот економски директор на Клиниката е поднесено и посебно обвинение за злоупотреба на службена положба и проневера, со наводна штета од над 2,2 милијарди денари на државниот буџет.

Случајот се наоѓа во доказна постапка пред Основниот кривичен суд во Скопје, а следното рочиште е закажано за 4 март. Според најавената динамика, кон крајот на март се очекува да започне сослушување на вешти лица од Србија кои исто така изработиле медицински вештачења за Обвинителството.

Related posts

Од најблизок сојузник до безбедносен ризик? Што стои зад новите сомнежи во Вашингтон

admin

ДУИ обвини за етничка исклученост при новите вработувања во Архивот

admin

„Бум“ на економијата на ЕУ, продолжува нагорниот тренд на раст (инфографик)

admin

САД се соочува со кризата на јајцата

admin

Политички тензии и дезинформации пред влезот на Бугарија во еврозоната

admin

Намалена транспарентност на државните институции – застој во отчетноста на функционерите

admin