Демократската унија за интеграција (ДУИ) реагираше на изјавите на координаторот на пратеничката група на ВЛЕН, Беким Ќоку, оценувајќи дека неговите ставови не ја одразуваат историската и политичката важност на Охридскиот рамковен договор.
Од партијата соопштија дека договорот претставува темел на уставните, институционалните и политичките промени што ја обликувале положбата на Албанците во Северна Македонија, наведувајќи дека тој овозможил промени во употребата на албанскиот јазик, правичната и соодветна застапеност, децентрализацијата и учеството во процесите на одлучување.
ДУИ оцени дека дебатата за договорот треба да се води со почит кон неговото значење и влијание врз политичкиот систем на државата.
Ќоку, пак, возврати со серија критики кон лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по неговите изјави за придобивките од 25-годишното учество на партијата во власта.
Тој наведе дека крвта на припадниците на поранешната ОНА не била пролеана во име на ДУИ, туку, како што рече, „во име на историскиот повик за слобода“. Според него, Охридскиот рамковен договор бил компромис, а не победа, додавајќи дека е вграден во Уставот и дека неговите одредби не можат да се менуваат без двотретинско мнозинство.
Ќоку, исто така, оцени дека ДУИ не успеала да реализира значајни инфраструктурни проекти во средините со мнозинско албанско население во текот на 25 години на власт, поставувајќи прашања за изградба на болници, театри, патишта и други капитални инвестиции.
Во својата реакција тој побара ДУИ да даде отчет и за, како што наведе, нереализирани проекти, меѓу кои и канализацискиот систем во Зајаз, како и за трошењето на европските средства. Дополнително ја критикуваше партијата дека не донела закон со кој албанскиот јазик би бил уставно дефиниран и дека не го решила статусот на поранешните борци и семејствата на загинатите.
Полемиката меѓу ДУИ и ВЛЕН се одвива во период на засилени политички расправи околу наследството од Охридскиот рамковен договор и улогата на партиите што учествуваа во неговото спроведување.

