Министерот за односи меѓу заедниците, Агон Ферати, изјави дека Министерството што го презел функционирало со години без јасна стратегија, со недоволна внатрешна координација и без основни услови за работа за дел од вработените.
Според него, во Министерството, кое претходно го водеа Артан Груби и Иван Стоилковиќ, има 139 вработени, а околу 30 проценти од нив немаат компјутери, работни бироа или соодветен работен простор.
„Затекнавме институција во која човечките ресурси не биле соодветно искористени, а лица блиски до политичките кабинети имале поголемо влијание од институционалната структура“, рече Ферати на средба со новинари.
Тој најави дека веднаш започнал процес на подобрување на внатрешната кохезија преку состаноци со раководителите на секторите и експертите, со цел Министерството да функционира поефикасно.
Ферати оцени дека недостигот на стратешки документи е еден од најголемите проблеми, наведувајќи дека од основањето на Министерството биле донесени само две двегодишни стратегии.
Министерот најави формирање на два нови сектора – за стратешки партнерства, кој ќе биде насочен кон меѓународна соработка и европски фондови, и сектор за анализи и истражувања. За нив се планира вработување на осум до дванаесет нови лица, додека за постојните вработени ќе се организираат обуки.
Осврнувајќи се на распределбата на грантовите, Ферати рече дека во претходниот период од 36 грантови, 29 биле доделени на организации од српската заедница, претежно за културни активности, при што еден грант изнесувал 500.000 денари.
„Тоа се државни средства и следната година приоритет ќе биде нивна поправична и попропорционална распределба“, изјави тој.
Ферати повика и на поголема соработка со медиумите, оценувајќи дека тие имаат значајна улога во зачувувањето на меѓуетничката кохезија, особено во контекст на тензиите што се појавуваат за време на спортски натпревари и нивното пренесување на социјалните мрежи.
Според министерот, во моментов само пет поранешни вработени покренале жалби поради престанок на работниот однос, а конечната одлука ќе ја донесат надлежните судови.

