14.8 C
Скопје
3 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

ОЗНАКАТА “NMK” ЌЕ ГИ ЧИНИ ГРАЃАНИТЕ 11 МИЛИОНИ ЕВРА

Промената на регистарските таблички на автомобилите со нова ознака НМК, која произлегува од Преспанскиот договор, според пресметките на РСЕ вкупно ќе ги чини граѓаните 11 милиони евра. МВР ги набавило табличките по 470 денари, а граѓаните ќе ги платат по 1.200 денари.

Промената на регистарските таблички во текот на годинава со ознака НМК наместо досегашната МК ќе ја платат граѓаните во државната каса. Оваа обврска за граѓаните произлегува од Преспанскиот договор кој државата го потпиша со соседна Грција на 17 јуни 2018 година за промена на името во Република Северна Македонија, по што се овозможи влез во НАТО.

Овој договор стапи на сила на 12 февруари 2019 година, што значи дека личните документи, патните исправи и регистарските таблички треба да бидат сменети до 12 февруари 2024 година.

„Кодот за земјата на регистарските таблички на возилата на Втората страна ќе биде НМ или НМК“, пишува во Преспанскиот договор.

До вкупната сума од најмалку 11 милиони евра, кои ќе паднат на грб на македонските граѓани, се доаѓа ако се помножи бројот на возила со износот кој треба да го платат граѓаните за да купат само пар регистарски таблички, кои за еден автомобил кои чинат 1.200 денари.

До објавувањето на овој текст од Министерството за внатрешни работи не одговорија зошто наместо нови регистарски таблички оваа обврска не се бара да се исполни на друг начин. Евентуално како претходно во неколку наврати со налепница која им се поставуваше на веќе постоечките таблички при излегување од државата, се додека постепено не се променат сите регистерски таблички на новите возила.

Одговор не добивме ниту на прашањето колку возила од 2019 година до сега ја исполниле обврската, односно возат со нови регистарски таблички со ознаката НМК.

Според последните статистички податоци во 2021 година во земјава се регистрирани 559 илјади моторни возила. Сопствениците на возила за нов пар регистарски таблички за еден автомобил ќе треба да платат 1200 денари, на тоа треба да се додаде и сумата што треба да ја платат за нова сообраќајната дозвола која чини 200 денари и 110 денари административна такса. Тоа значи дека годинава при регистрација на автомобилот ќе треба да платат дополнителни 1.510 денари. Ако се земе во целина трошокот за 559 илјади возила за кои ќе се уплати вкупно 1510 денари по автомобил тогаш за оваа намена граѓанскиот џеб годинава ќе биде полесен за 13,7 милиони евра.

Но, ако граѓаните одлучат оваа промена да ја направат откако возилото ќе им биде регистрирано, ќе ги чини поскапо, односно за оваа обврска ќе треба да одвојат дополнителни од 500 до 800 денари. По 12 февруари 2024 година, сообраќајната полиција ќе може да ги казни до 100 евра тие кои што не ги замениле регистерските таблички.

Граѓаните за оваа обврска ќе треба да платат на шалтерот на МВР во станиците за технички преглед, што значи дека тие пари се уплаќаат во државната каса. Министерството за внатрешни работи за изработката на нови регистарски таблички во 2021 година склучила тригодишна јавна набавка со две фирми кои заедно настапиле на тендерот. Нивниот договор истекува еден месец по рокот во кој граѓаните ќе треба да ја исполнат оваа обврска.

Станува збор за македонската фирма „Квантум“ ДООЕЛ која е посредник со германската фирма што ги изработува табличките „Еха Хофман Интернатионал – Зиген“.

Документите од Бирото за јавни набавки покажуваат дека за оваа намена Министерството за внатрешни работи се договорило да плати 2,1 милион евра.

Според спецификацијата дадена во тендерската документација изработката на пар регистарски таблички за едно моторно возило државата ја чини по 470 денари со сѐ ДДВ. Пар регистарски таблички за такси возила ќе ја чини 227 денари, додека за дипломатските возила државата плаќа 170 денари за пар таблички.

Според тендерот , министерството во овие 2,1 милион евра предвидело изработка на 300 илјади пара регистарски таблички од кои 240 илјади се однесуваат на класични моторни возила односно автомобили, што не е доволно за сите возила во земјава кои според податоците на регистрирани возила изнесува 559.418.

Ако се споредат бројките излегува дека не се платени уште околу 260 илјади нови регистерски таблички.

Ако за набавените 300 илјади таблички МВР платило по 470 денари пар таблички, граѓаните ќе треба да издвојат многу повеќе. Или излегува дека секој граѓанин ќе издвои по 1.200 денари за пар регистерски таблички или 730 денари повеќе од цената што ја платило МВР.

Во договорот со фирмата Квантум е предвидено дека министерството може да нарача и плати плус за дополнитен број на таблички според потребите со нова рамковна спогодба.

На тендерот за изработка на регистарски таблички учествувале три фирми, добитникот Квантум, потоа Раде Кончар и Бојта Инг.

Македонскиот производител на регистарски таблички Раде Кончар во период од 2013 до 2016 година имаше склучено договор со МВР во вредност од 1,2 милиони евра. Сличен таков договор имаа склучено и во 2016 до 2019 во вредност од милион евра, додека во 2019 со важност до 2020 година изнесувал половина милион евра. Во нивната жалба до Бирото за јавни набавки за тендерот од 2021 година кој го доби Квантум е наведено дека не ги исполниле во целост наведените услови за учество во тендерот.

Фирмата Квантум како друштво за сообраќаен, внатрешен и надворешен промет е запишана во Централниот регистар во 1990 година. Сопственик е Алија Реџиќ. Од 2009 до сега оваа фирма склучила околу 30 тендерски договори во вкупна вредност од 10,6 милиони евра. Најголемиот од 2,1 милион евра е со МВР, додека останатите се со Јавните претпријатија „Македонски железници- инфраструктура“ и „МЖ – транспорт“ како и со „ЕВН“.

Related posts

Ердоган се договара со Оган, неговите гласови се клучни за победа

admin

Мехмети: Уставните измени не треба да бидат драма

admin

ДОСТОИНСТВОТО НА СТУДЕНТИТЕ ПОМАЛКУ ВРЕДНО ВО БУЏЕТОТ ЗА 2023

ninja

Норвешкиот ер шатл воведе директен лет Скопје-Осло

admin

ВМРО-ДПМНЕ се спрема за “Пржинската влада”, нема да го гласа Џафери за премиер

admin

Незири: Не ЕУ, туку институциите се виновни за долгото чекање пред ЕУ

admin