27.6 C
Скопје
21 јули, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Нови детали за загадувањето во Гостивар: Инспекции во ресторани, болници и градинки

Градинки, болници, ресторани, верски објекти, јавни чешми и други институции во Гостивар се под засилен инспекциски надзор по загадувањето на водата и забраната за користење на водата од градскиот водовод за пиење и подготовка на храна.

Надлежните институции соопштија дека секојдневно вршат контроли кај операторите со храна и во јавните установи за да проверат дали користат безбедна вода и дали обезбедиле алтернативни извори за непречено функционирање. Посебен акцент е ставен на рестораните, кафулињата и објектите каде се организираат свадби и семејни прослави.

Од инспекциските служби предупредија дека храната не смее да се подготвува со вода од градскиот водовод и дека прекршителите ќе се соочат со прекршочни постапки и парични казни.

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов, изјави дека забраната за користење на водата останува во сила сѐ додека лабораториските анализи не потврдат дека таа е безбедна.

Според него, при вонреден инспекциски надзор во водоснабдителниот систем во Вруток било утврдено дека во главниот цевковод, без потребни одобренија и спротивно на законските процедури, биле поставени пумпи кои директно вбризгувале вода од реката Вардар во системот за водоснабдување.

Директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиовска, изјави дека спорниот приклучок не бил опфатен со дозволите издадени од Министерството за животна средина.

„Такво барање не било доставено до Министерството за животна средина. Дивиот приклучок не се наоѓал во рамките на дозволената локација, туку околу 800 до 900 метри надвор од точката опфатена со дозволата“, рече Гиовска.

Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, оцени дека станува збор за сериозен инцидент што го загрозил здравјето на граѓаните и побара целосно утврдување на фактите, како и кривична и морална одговорност за сите кои придонеле за состојбата.

Тој потсети дека снабдувањето со вода за пиење, одржувањето на водоводните системи и заштитата на санитарните зони се законска надлежност на општините и јавните комунални претпријатија.

Во меѓувреме, Јавното обвинителство води истрага за да утврди како било овозможено незаконско поставување пумпи во главниот цевковод на системот за водоснабдување.

Според Кривичниот законик, загадувањето на вода за пиење претставува кривично дело, а со оглед дека по инцидентот беше прогласена епидемија во Гостивар, случајот може да биде квалификуван како потежок облик на делото, за кој се предвидени построги санкции.

Надлежните институции очекуваат лабораториските анализи во наредниот период да покажат кога водата повторно ќе биде безбедна за употреба. До тогаш, забраната за користење на водата останува во сила, а инспекциските контроли продолжуваат низ Гостивар.

Related posts

Зошто Путин го запре целиот извоз на бензин и дизел надвор од Русија?

admin

Ангелов може да ја напушти владата на СДСМ и ДУИ

admin

ПОВИСОКА МИНИМАЛНА ПЛАТА ОД СЛЕДНИОТ МЕСЕЦ

ninja

СЕ „КРЧКА“ ПРОШИРУВАЊЕТО НА ВЛАДИНОТО МНОЗИНСТВО

ninja

Доларот стабилен додека растат надежите за примирје на Блискиот Исток

admin

Никој нема да биде имун на корупција: Полиграф за цариниците и полицајците на граничните премини

admin