Заменикот американски државен секретар Кристофер Ландау денеска во Вашингтон се сретна со министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, при што разговарале за унапредување на билатералното партнерство.
Според соопштението на Стејт департментот, двајцата соговорници се согласиле дека постојат бројни можности за продлабочување на соработката, особено во областа на енергетиката, инфраструктурата и безбедноста. Во соопштението се наведува и дека Ландау и Муцунски споделиле заедничка загриженост дека прекумерната регулатива претставува закана за економскиот просперитет.
Муцунски престојува во Вашингтон на покана на американскиот државен секретар Марко Рубио, каде учествува на министерски состанок посветен на заканите од подемот на политичкиот тероризам. Според министерот, на состанокот со претставници на повеќе од 60 држави се разговара за зајакнување на меѓународната соработка и институционалната подготвеност за справување со новите безбедносни предизвици, преку поефикасна размена на безбедносни и оперативни информации и координиран пристап.
На маргините на состанокот, Муцунски остварил и работна средба со израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Саар. Според објавата на македонскиот министер, двајцата ја потврдиле добрата билатерална соработка и се согласиле да работат на нејзино продлабочување, особено во политичкиот дијалог, економијата, трговијата и инвестициите.
На средбата, како што соопшти Муцунски, било разговарано и за безбедносната соработка, борбата против тероризмот, радикализацијата и хибридните закани, како и за актуелните случувања на Блискиот Исток и соработката во рамки на мултилатералните организации.
Стејт департментот не соопшти дополнителни детали за конкретни договори или иницијативи постигнати за време на посетата.

