Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, изјави дека усвоениот ребаланс на Буџетот за 2026 година ќе придонесе за подобар животен стандард, поголема поддршка за економијата и реализација на развојните проекти.
Тој посочи дека со ребалансот вкупните буџетски приходи се зголемуваат од 374,9 на 379,5 милијарди денари, односно за 4,5 милијарди денари или 1,2 проценти. Капиталните инвестиции, според него, се зголемуваат за 5,8 милијарди денари, односно за 14,5 проценти.
„Секој денар мора навремено да се претвори во конкретен проект, објект или услуга за граѓаните, а токму тоа се прави со овој ребаланс“, рече Стојаноски.
Тој нагласи дека средствата за плати и надоместоци се зголемуваат за 1,128 милијарди денари, со што, како што рече, ќе се обезбеди реализација на сите колективни договори и повисоки плати до крајот на годината.
Според него, субвенциите и трансферите се зголемуваат за повеќе од три милијарди денари за земјоделството, железничкиот сообраќај, ученичкиот и студентскиот стандард, породилното отсуство, програмата „Мој ДДВ“ и други приоритетни расходи.
Стојаноски додаде дека социјалните трансфери се повисоки за 2,234 милијарди денари, а дополнителни средства се обезбедени и за пензискиот систем и здравствената заштита.
Тој истакна и дека во здравството развојните програми се зголемуваат за 94,4 проценти, во образованието за 220 милиони денари, додека повеќе средства се предвидени и за инфраструктурни проекти во општините, студентските домови и социјалната политика.
Според Стојаноски, позитивните трендови ги потврдуваат и приходите во Буџетот, при што во првите пет месеци од годинава тие се повисоки за 5,7 проценти во однос на истиот период лани, а во првите шест месеци се наплатени околу 50 милиони евра повеќе царински давачки во споредба со минатата година.

