8.8 C
Скопје
1 ноември, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Гаши без објаснување ја тргна точката за „Скопје 2028“, ДУИ обвини за кршење на Деловникот

Собранието денеска го повлече од дневниот ред на 119. седница Предлог-законот за спроведување на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, кој требаше да се разгледува по скратена постапка.

Претседателот на Собранието Африм Гаши, предлагајќи го дневниот ред, не ја вклучи оваа точка и првично не даде објаснување за нејзиното повлекување, што предизвика реакции од пратениците на ДУИ.

Пратеникот Талат Џафери оцени дека со тоа е прекршен Деловникот, бидејќи, според него, претседателот на Собранието нема овластување самостојно да го менува дневниот ред по кој е свикана седницата. Пратеничката Рина Ајдари побара јавно да се образложат причините за повлекувањето на законот и забелешките изнесени на вонредната координација.

По реакциите, Гаши изјави дека одлуката била донесена со договор на координативната средба на пратеничките групи.

„Главен проблем во предлог-законот беа процедуралните забелешки и изнајдовме компромис таа точка да биде симната од дневен ред“, рече Гаши.

И пред почетокот на седницата, ДУИ, Алијансата за Албанците и Албанската лига реагираа дека не биле испочитувани роковите за доставување на материјалите, како и обврските поврзани со употребата на албанскиот јазик. Гаши возврати дека Деловникот му овозможува да свикува итни седници и во пократок рок.

Повлечениот предлог-закон, поднесен од група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, предвидуваше Град Скопје да формира посебна фондација за реализација на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, која при набавките нема да биде обврзана да го применува Законот за јавни набавки. Предлагачите образложија дека ваквиот модел е потребен за да се обезбеди професионално и автономно управување со проектот.

Законот претходно предизвика критики од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, кои предупредија дека Законот за јавни набавки не смее да се заобиколува и дека предложеното решение создава ризик од намалена транспарентност и зголемени можности за корупција.

Дополнителни критики упати и пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска, која оцени дека со предложениот модел се отвора можност околу 21 милион евра јавни средства да се трошат без примена на Законот за јавни набавки и без независна контрола.

„Проектот ‘Скопје 2028’ е значајна можност за градот и културата, но токму затоа мора да има максимална транспарентност. Предлог-законот треба да биде повлечен“, изјави Петровска, споредувајќи го предложениот модел со проектот „Скопје 2014“.

За сега не е соопштено кога изменетата верзија на законот повторно ќе биде доставена во собраниска процедура.

Related posts

Меџити и Касами слават: 200 милиони евра за автопатот што ќе ги спои Скопје и Приштина

admin

Столтенберг: Не се разговара за влез на Украина во НАТО

admin

Протести против “шок терапијата” на Милеи

admin

Жесток судир меѓу власт и опозиција во Собранието: Мицкоски со бројки и критики, СДСМ со историски обвинувања

admin

Протести во малите места во Србија: Поддршка за студентите и ослободување од стравот

admin

Американски аналитичари: Европа би профитирала ако САД се повлечат од НАТО

admin