Во Гостивар до вторникот попладне се евидентирани 109 нови случаи на заболувања поврзани со контаминираната вода, со што вкупниот број достигна 4.303, соопшти министерот за здравство Сашо Клековски.
Во последните четири дена бројот на нови случаи се движел меѓу 80 и 125 дневно. Клековски рече дека не може прецизно да се утврди колкав дел од случаите се во рамките на вообичаената појава на цревни заболувања, а колкав дел се директно поврзани со епидемијата.
„Акутната фаза на епидемијата во Гостивар се смирува. Во консултација со Комисијата за заразни болести одлучивме да воведеме засилен надзор за постакутната фаза“, изјави Клековски.
Тој ги повика матичните лекари и здравствените установи во Гостивар засилено да ја следат појавата на хепатитис А и Е, како и на други заразни заболувања што би можеле да се појават по завршувањето на акутната фаза.
„Од суштинско значење е раното препознавање на случаите, за здравствените институции да можат навремено и соодветно да реагираат. Капацитетите за тестирање се подготвени“, рече Клековски.
Министерството за здравство ќе испрати упатства до Центарот за јавно здравје, здравствените установи и матичните лекари, како и насоки за информирање на граѓаните.
Клековски повтори дека водата од градскиот водовод може да се користи за лична хигиена, но не и за пиење, миење или подготовка на храна.
Здравствените власти продолжуваат да ја следат епидемиолошката состојба и можната појава на заболувања со подолг период на инкубација.

