Британскиот весник Daily Express ја објави првата фотографија од 61-годишниот српски државјанин Љубиша Каровиќ, кој беше тешко повреден при инцидентот на летот на „Рајанер“ од Солун кон германскиот Меминген.
Според британскиот медиум, инцидентот се случил откако дел од оштетениот десен мотор на авионот удрил во прозорецот на кабината, кој попуштил поради ударот. Поради наглата декомпресија, Каровиќ бил делумно извлечен низ прозорецот додека авионот летал на околу 20.000 стапки надморска височина.
Неговата сопруга Светлана Грковиќ успеала да го задржи држејќи го за нозете, сè додека други патници не притрчале на помош и не го извлекле назад во кабината.
Сведоци изјавиле дека капетанот повеќепати прогласувал вонредна состојба, додека кислородните маски автоматски се активирале. Според нив, Каровиќ крварел и неколкупати ја губел свеста поради шокот и недостатокот на кислород.
„Рајанер“ соопшти дека авионот безбедно се вратил на аеродромот во Солун, каде што еден патник побарал и добил медицинска помош. Авиокомпанијата организирала заменски авион, кој подоцна ги превезол патниците до нивната крајна дестинација.
Според претходните информации, инцидентот се случил додека авионот се наоѓал над воздушниот простор на Северна Македонија, поради што македонските воздухопловни власти ја водат безбедносната истрага за причините за несреќата.

