35.8 C
Скопје
20 август, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

БУЈАР ОСМАНИ СО ТЕШКИ ОБВИНУВАЊА: ВЛЕН дава мултиетничка слика на „македонски проект“

Поранешниот министер за надворешни работи и функционер на ДУИ, Бујар Османи, упати остри критики кон владејачката коалиција ВЛЕН, тврдејќи дека нејзината политичка слабост произлегува од самиот начин на кој била создадена и дека денес служи како „институционален инструмент преку кој еден македонски проект добива албански потпис“.

Во објава на социјалните мрежи, Османи оценува дека ВЛЕН е составен од политички групи со различно потекло, идеологии, интереси и лидерски амбиции, без заедничка политичка доктрина, прифатена хиерархија и автономен центар за донесување одлуки.

Според него, единствената сила што првично ги обединила партиите била желбата ДУИ да биде отстранета од власта.

Османи го опишува ВЛЕН како „негативна коалиција“ – сојуз кој, според неговото толкување, го одржува заедничкиот политички противник, а не заедничка политичка програма.

Тој оди и чекор понатаму, тврдејќи дека создавањето на ВЛЕН било помогнато од надворешна политичка оска која ја опишува како „Будимпешта–Белград (ВМРО), Приштина–Скопје (ВЛЕН)“, чија цел, според него, е слабеење на евроамериканското и албанското влијание во регионот. Османи во објавата не понуди докази за ова тврдење.

ВМРО-ДПМНЕ како „надворешен арбитер“

Откако ДУИ останала надвор од владата, вели Османи, заедничкиот противник што го обединувал ВЛЕН бил заменет со нов центар околу кој функционира коалицијата – ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, бидејќи ниту еден од лидерите на ВЛЕН не успеал да се наметне како доминантен во коалицијата, ВМРО-ДПМНЕ ја презела улогата на „надворешен арбитер“.

„Кој добива министерство, кој контролира дирекција, кому му се зајакнува локалната структура и кој ужива политичка заштита“, наведува Османи, опишувајќи ги областите во кои, според него, владејачката ВМРО-ДПМНЕ има доминантно влијание.

Неговата теза е дека поединечните компоненти на ВЛЕН изградиле посилна вертикална врска со ВМРО-ДПМНЕ отколку хоризонтална политичка врска меѓу себе.

На тој начин, тврди Османи, се создава „механизам на контрола преку фрагментација“.

Секој од партнерите знае дека може да биде заобиколен или заменет со друг, поради што спротивставувањето станува политички ризично, додека лојалноста кон доминантниот владин партнер се наградува, вели тој.

„Наместо да се натпреваруваат кој може да обезбеди повеќе колективни права за Албанците, тие се натпреваруваат кој може да се покаже покорисен за доминантниот партнер“, пишува Османи.

Спор и околу идентитетот на институциите

Османи тврди дека последиците од таквиот однос не се ограничени само на внатрешното функционирање на ВЛЕН.

Според него, присуството на албански министри ѝ овозможува на владата да задржи мултиетничка слика, додека политиките и институционалниот дискурс, како што оценува, добиваат доминантно македонски национален предзнак.

Како примери ги наведува употребите на термините „македонска Армија“, „македонска држава“ и „македонски национални интереси“.

„Денес, ВЛЕН служи како институционален инструмент преку кој еден македонски проект добива албански потпис“, вели Османи.

Тој оценува дека хетерогеноста на ВЛЕН, наместо извор на политички плурализам, станала механизам преку кој коалицијата може да биде контролирана.

 

 

Related posts

Трамп го именува Волц за амбасадор во ОН по скандалот со Signal

admin

Георгиевски: Случајот против мојот имењак е чисто политички процес

admin

Пукање и заложничка драма во Киев: Меѓу ранетите и 12-годишно момче

admin

САД и Русија предложија мировен план и поставија „основа за соработка“ 

admin

Етнички квоти или мерит-систем? Новиот закон отвори стара политичка битка

admin

Рама: Химара е Албанија

admin