36.3 C
Скопје
11 август, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИ

Преседан во судството: Уставниот пријави судија, Судскиот совет бара воздржаност

Судскиот совет и Здружението на судиите на Северна Македонија предупредија дека постапувањето на институциите во врска со неправосилна судска одлука мора да биде внимателно и воздржано за да не се создаде впечаток на притисок врз судиите, откако Уставниот суд го извести Јавното обвинителство за неизвршување на негова одлука.

Реакцијата следува по Решението И.бр.1/2026 на Уставниот суд и отвора пошироко прашање за границата меѓу обврската за почитување на одлуките на Уставниот суд и независноста на редовното судство.

Судскиот совет и Здружението на судиите велат дека целосно ја почитуваат уставната положба на Уставниот суд и фактот дека неговите одлуки се конечни и извршни. Но, истовремено нагласуваат дека мора да бидат зачувани независноста на судовите, законски утврдениот тек на постапките и правото на користење правни лекови.

Во фокусот е предметот П4-240/22, во кој Основниот граѓански суд Скопје донел одлука на 4 мај 2026 година. Против неа е поднесена жалба, што значи дека одлуката сè уште не е правосилна и за нејзината законитост треба да одлучува второстепениот суд.

„Секое институционално постапување поврзано со конкретната неправосилна судска одлука бара особена внимателност и воздржаност, за да не се создаде впечаток на прејудицирање на исходот од постапката или на притисок врз судиите кои одлучуваат во конкретниот предмет“, се наведува во заедничката реакција.

Спор околу случајот на новинарката Наташа Стојановска

Уставниот суд минатата недела соопшти дека ги известил Јавното обвинителство и Судскиот совет дека судија од Основниот граѓански суд Скопје, кој постапувал во предметот на новинарката Наташа Стојановска, не ја извршил неговата одлука.

Претходно, Уставниот суд утврдил повреда на слободите и правата на Стојановска со две судски пресуди – на Основниот граѓански суд Скопје од 15 јуни 2022 година и на Апелацискиот суд Скопје од 19 декември 2024 година – и го уважил нејзиното барање за повторување на постапката.

Уставниот суд соопшти дека првпат од своето постоење го применува механизмот за обезбедување извршување на сопствените одлуки.

Токму овој потег предизвика реакции во правната јавност и отвори дилема до каде се протега надлежноста на Уставниот суд кога предметот повторно се наоѓа пред редовното судство.

„Ниту еден орган не може да му диктира на судот“

Судскиот совет и Здружението на судиите велат дека оценката за законитоста на неправосилната одлука е во исклучива надлежност на второстепениот суд.

„Независноста на судството не е привилегија на судиите, туку гаранција за граѓаните дека за нивните права и обврски ќе одлучува независен и непристрасен суд“, се наведува во соопштението.

Според нив, функцијата на редовните судови не е да извршуваат одлуки на други државни органи, туку самостојно да судат врз основа на Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори.

„Ниту еден орган, без оглед на неговата уставна положба, не може да определува или да прејудицира каква одлука треба да донесе судот во конкретен предмет“, велат двете институции.

Тие, сепак, нагласуваат дека независноста на редовните судови и обврската за почитување на одлуките на Уставниот суд не се меѓусебно спротивставени принципи.

„Нивната заштита подразбира секој орган да ги остварува своите надлежности во уставно и законски утврдените граници, со должно почитување на надлежностите и независноста на другите органи“, се наведува во реакцијата.

Судскиот совет и Здружението на судиите повикаа на институционална воздржаност и заемно почитување на уставните надлежности, оценувајќи дека тоа е неопходно за владеењето на правото и довербата на граѓаните во институциите.

Потегот на Уставниот суд претходно го критикуваа и дел од адвокатите, кои предупредија дека може да создаде впечаток на однапред утврдена вина на судијата. Членката на Судскиот совет Сузана Јошевска-Анастасовска оцени дека случајот отвора сериозни прашања за границата меѓу уставната контрола и независноста на судството.

 

Related posts

КОВАЧЕВСКИ ПРЕДЛАГА НАГРАДА ПОРАДИ СПАСЕНИОТ СИСТЕМ НА ФЗО

ninja

Судир во Брисел за проширувањето до 2030, демотивација во Скопје за уставните измени

admin

Филипче најави онлајн петиција против прием на мигранти, ВМРО-ДПМНЕ негира договор со Британија

admin

Маричиќ: Уставните измени се влог за нашето членство во ЕУ

admin

Франција се обратила до 35 земји за идната мисија во Хормуз

admin

Косовската пратеничка Дуда Баље: Ми понудија професорско место во Скопје да ја гласам Албулена Хаџиу

admin