12.8 C
Скопје
16 август, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕГИОН

Нова чувствителна тема меѓу Скопје и Белград: Мицкоски не сака полемика со Вучиќ

Премиерот Христијан Мицкоски ја отфрли можноста да влегува во полемика со српскиот претседател Александар Вучиќ по неговата изјава дека Српската православна црква е „иста“ и во Скопје, оценувајќи дека таквата реторика повеќе прилега на минатиот отколку на 21 век.

„За мене лично МПЦ-ОА Јустинијана Прима е нешто кое е најсветол дел од македонскиот православен идентитет“, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.

Тој додаде дека во Северна Македонија живеат и Македонци од други вероисповеди, но дека за него Македонската православна црква – Охридска архиепископија претставува еден од столбовите на македонскиот идентитет.

„Таков тип на изјава ниту имам намера да коментирам, ниту би сакал да навлегувам во каква било дневна комуникација со изблици на нешто кое повеќе прилега на минатиот век, а не на 21 век“, рече Мицкоски.

Вучиќ го стави Скопје во редот со Пирот, Сиднеј и Мелбурн

Контроверзијата почна откако Вучиќ, во говор во Мркоњиќ Град, зборувајќи против идеи за „федерализација“ на СПЦ и за „полицентрично српство“, рече дека Српската православна црква е една и иста без оглед каде се наоѓа.

Меѓу градовите што ги наведе беа Мркоњиќ Град, Пирот, Сиднеј, Франкфурт, Мелбурн – но и Скопје.

Споменувањето на македонскиот главен град предизвика реакции бидејќи отвори прашања дали Вучиќ само зборувал за припадници на српската заедница или неговата формулација може да се толкува како навлегување во прашањето за црковната јурисдикција.

МПЦ-ОА: Ние ја вршиме мисијата на нашата канонска територија

Претходно реагираше и Светиот архијерејски синод на МПЦ-ОА, кој без директно да влегува во конфронтација со Вучиќ нагласи дека Македонската православна црква ја остварува својата духовна и пастирска мисија кон сите православни христијани на својата канонска територија.

МПЦ-ОА нагласи дека тоа го прави независно од националната, политичката, културната или етничката припадност на верниците.

Со таквата формулација, Синодот индиректно порача дека православните верници во Северна Македонија, без оглед дали се Македонци, Срби, Власи или припадници на друга етничка заедница, се наоѓаат на канонската територија на МПЦ-ОА.

Синодот истовремено порача дека Црквата не треба да биде вовлекувана во политички и идеолошки поделби.

Спорот беше затворен во 2022 година

Односите меѓу МПЦ и СПЦ со децении беа едно од најчувствителните прашања меѓу Скопје и Белград.

МПЦ еднострано прогласи автокефалност во 1967 година, која СПЦ долго време не ја признаваше. Канонското и литургиското единство беше обновено во 2022 година, кога Српската православна црква ја призна автокефалноста на МПЦ-ОА и ѝ врачи томос.

МПЦ-ОА во меѓувреме продолжува да очекува конечно регулирање на својот статус и во однос на Вселенската патријаршија.

Изјавата на Вучиќ повторно ја отвори чувствителната тема за односот меѓу црковниот и националниот идентитет, иако МПЦ-ОА и македонската Влада засега избираат внимателен јазик и избегнуваат директна конфронтација со Белград.

Related posts

Што навистина се случува во огромните центри за податоци што трошат струја како цели градови

admin

Ирскиот премиер во Скопје порача дека зачленувањето во ЕУ е државна цел

admin

ДУИ ја обвини владата дека го поткопува Охридскиот договор и уставниот поредок

admin

Жестока пресметка меѓу Муцунски и Османи: Кој ја кажува вистината за Протоколот?

admin

Крвави судири на границата: Тајланд и Камбоџа се борат додека Трамп се обидува да ги спречи!

admin

Едгар Џозеф: САД да понуди „историска вистина“ за Северна Македонија, поинаква од таа на Бугарија

admin