Бројот на повици до Итната медицинска помош е зголемен поради високите температури, а лекарите дневно регистрираат повеќе од 200 пријави поврзани со колапси, прегревање и влошување на здравствената состојба.
Институтот за јавно здравје ги повика граѓаните да избегнуваат директно изложување на сонце и физичка активност на отворено меѓу 11 и 17 часот, кога ризикот од здравствени компликации е најголем.
Даниел Георгиевски од Итната медицинска помош изјави дека интервенциите на јавни места се значително почести во споредба со останатиот дел од годината.
„Просечно имаме меѓу три и пет интервенции дневно поврзани со колапси, но во одредени денови бројката е и поголема. Граѓаните најчесто пријавуваат гадење, малаксаност, прегревање и симптоми на топлотен удар“, рече Георгиевски.
Кај хронично болните лица високите температури можат да предизвикаат нагли промени на крвниот притисок, кардиолошки компликации, срцев или мозочен удар.
Лекарите препорачуваат редовно внесување вода, избегнување алкохол и тешка храна, носење лесна и светла облека, капа и заштитни очила, како и престој во климатизирани простории.
Кога телото не може да се разлади
Од ИЈЗ предупредуваат дека кога температурата на воздухот се приближува или ја надминува нормалната телесна температура, организмот потешко се разладува.
Високата влажност дополнително го отежнува испарувањето на потта, што може да доведе до слабост, сува уста, вртоглавица, гадење, прекумерно потење, сува кожа и мускулни грчеви.
Влошувањето на состојбата може да предизвика престанок на потењето, исклучително топла кожа, забрзана работа на срцето, конфузија, отежнато дишење и губење на свеста.
Во најтешките случаи, топлотниот удар може да заврши со смртен исход.
Кои лица се најзагрозени
Меѓу најранливите групи се лицата над 60 години, децата, бремените жени, социјално ранливите граѓани и работниците изложени на директно сонце.
Зголемен ризик имаат и лицата со кардиоваскуларни, белодробни и бубрежни заболувања, дијабетес, дебелина и ментални нарушувања.
Посебно внимание се препорачува и за лицата што користат диуретици или друга терапија која го зголемува губењето течности.
Хронично болните треба редовно да ја земаат пропишаната терапија, да го контролираат крвниот притисок, а дијабетичарите да го следат нивото на шеќер во крвта.
Како да се заштитите
Граѓаните треба да ги држат прозорците и ролетните затворени во најтоплиот дел од денот, а просториите да ги проветруваат навечер и рано наутро.
Доколку мора да престојуваат надвор, се препорачуваат почести паузи во сенка и избегнување напорна физичка активност.
Возилата оставени на сонце многу брзо достигнуваат опасно високи температури, поради што никогаш не треба во нив да се оставаат деца, повозрасни лица или домашни миленици.
Разладувањето може да се врши со млака вода, ладни облоги или потопување на стапалата во студена вода.
Кога веднаш да се повика Итна помош
Лицето треба да се премести на ладно место доколку почувствува силна жед, главоболка, слабост, вознемиреност или зашеметеност.
Се препорачува внесување вода или негазиран пијалак со електролити. Доколку мускулните грчеви траат подолго од еден час, неопходна е лекарска помош.
Ако лицето има топла и сува кожа, е збунето, има грчеви или ја губи свеста, веднаш треба да се повикаат службите на 194 или 112.
До пристигнувањето на медицинската екипа, лицето треба да се постави во хоризонтална положба, со нозете подигнати околу 20 сантиметри. Треба да се отстрани вишокот облека и да се постават ладни облоги на вратот, пазувите и препоните.
На лице без свест не треба да му се дава вода, храна или терапија. Треба да се постави во странична положба и постојано да се следи неговото дишење.

