Пишува: Никица Корубин
Пошокантно од посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Србија е само податокот дека во изминатите две недели, Русија шест пати го нарушила воздушниот простор на различни европски земји и НАТО членки (Германија, Полска, Романија, Бугарија); вести кои тешко се “пробиваат” во манипулативно-пропагандниот наратив кој одамна е “натежнат” над нашиот јавен и медиумски простор.
Па, така покрај реалноста дека на европско тло има војна веќе четири години; која Украина со својата неверојатна способност и храброст (во манирот и духот на “најхрабриот народ на светот-Скитите” како што ќе ни каже Херодот) ја води за цела Европа и ЕУ; ние сме соочени и со брутална пара-реалност на (само)блокирани евро-интеграции што не’ става во прилично “ранлива” позиција во време на екстремно сложена гео-политичка и безбедносна ситуација.
Мантрата дека е “доволно” што сме НАТО членка, интересно промовирана главно од истите кругови кои жестоко ги опструираа и деградираа сите меѓународни договори кои не’ донесоа до НАТО членство и активно го прават се’ уште; “заборавајќи” дека всушност економскиот опстанок (или спречување на целосен колапс) го обезбедувала и го обезбедува директно ЕУ, а индиректно нашиот статус како “држава ЕУ кандидат”; беше речиси целосно демантирана во Белград, каде токму “ЕУ перспективата” беше главна точка на дискусијата, презентирана и како официјален наратив на средбата Зеленски-Вучиќ.
И целата “игра на зборови” и внимателно креиран наратив со “доверливи луѓе” – сакаа (и делумно успеа) да ја одведат пропагандата кон “подобен” наратив – прашањето на Косово и Србија и божемните оправдувачки паралели со Русија и нејзината агресија кон Украина – всушност само една реченица на Зеленски го даде сижето и на средбата (и потенцијалните мотиви за неа): “Украина ја нема комоцијата на Србија да не биде оптимист во однос на интеграцијата во ЕУ”, како одговор на јавно искажаниот песимизам на Вучиќ во однос на интеграцијата на Србија во ЕУ.
И освен што со оваа реченица можеме комотно да се идентификуваме и ние, бидејќи ниту Северна Македонија ја нема комоцијата да не биде оптимист во однос на интеграцијата во ЕУ – а, уште помалку флагрантната авто-деструкција кон сопствените граѓани, на целосно политички и правно отворен пат, полни 4 години, период во кој веројатно до сега веќе ќе го затворавме последното поглавје. Но, каде всушност лежи “песимизмот” на Вучиќ и “оптимизмот” на Зеленски во однос на ЕУ?
Дали можеби, очигледно променетата политика на ЕУ и кон Србија (означена и во нашиот извештај преку проектот на “српски свет” како главен дестибилизатор на “сувереноста и територијалниот интегритет” на земјите од Западен Балкан); во изминатата година дена и фактичката “рестрикција” до парите и сите финансиски механизми е главниот проблем за опстанокот?
Лесно е да бидеш отворено про-руски ориентиран со европски пари; и “вештачки” отворени евро-интеграции, но дали е изводливо без нив? Истото прашање поставено во наш контекст, веќе станува и комично, откако одамна ја помина трагичната фаза.
Па, всушност Зеленски успеа насред Белград, повеќе пати да го изговори “забранетиот збор” – ЕУ – од сите опозициони партии, сосе студентското движење (кои би требало теоретски да бидат прогресивниот дел на српското општество). Да ги означи европските интеграции како единствено цивилизациско и нормално поведение, па дури и да и наметне на Србија репер – “мора да излезе од руското влијание”. Да се постави како авторитет, што несомнено и е, кој покрај одбраната на Украина, знае што треба за да ја заштити и самата ЕУ.
Заедно со деталниот опис на сите злосторства и страдања предизвикани од “мајка Русија”, на цивилини жртви и брутално уништување на украинските градови и инфраструктура – на начин на кој српската јавност никогаш не слушнала, ни на про-владините, ниту на “слободните” медиуми. И покрај подмолниот обид за релативизација на целата војна и нејзината суштина од страна на “угледен германски новинар” со брутално емотивно подметнување во наративот на “убиени Руси” и де-факто изедначување и компромитирање на украинската одбрана.
И на крајот “гафот”, независноста на Косово. “Сервирано” како прашање од српска новинарка. Како “црешата на шлагот” на крајот на прес-конференцијата, за тоа кој го “има последниот збор” во опсесијата со целосна контрола на наративот (и животот на луѓето). Дали Зеленски метафорички го жртвуваше Косово? Да. Реално секако Украина се’ уште не ја признала независноста на Косово.
Но, не заборави да го потсети Вучиќ дека тој ја признава целовитоста на Украина сосе Крим, што е ситуација пред нападот на Русија во 2022 година. И веројатно му беше битно, да го каже тоа практично на “(про)руска територија” каде што не се плаши да дојде. Затоа што тој, не ја брани само Украина, туку го брани и мирот во Европа, кој очигледно е многу повеќе загрозен отколку што сме свесни.
Судбината, Тихе, е чудна работа. Нема играње со неа. Сигурно беше исклучително тешко за граѓаните на Косово, но и за сите Албанци и кај нас и во Албанија, да го слушаат Зеленски во Белград, во Србија, во единствената отворено политички про-руска држава (и општествени елити), да споредува неспоредливо; но ова не би требало да биде толку неочекувано за властите во Косово.
Кој цели две години немаат никаков проблем отворено да поддржуваат, лобираат и влијаат на блокирани евро-интеграции на соседна држава Северна Македонија, да немаат никаков проблем со влијанието на “српскиот свет” кај нас, да ги игнорираат и релативизираат сите директни удари на клучни договори од кои зависи стабилноста на државата (Охридскиот рамковен договор, Договорот со Бугарија, Преспанскиот договор).
И можеби за нив во даден момент било, метафорички кажано, опортуно да ја “жртвуваат” Северна Македонија за сопствена по-комотна позиција во однос на Србија; и би требало во тој дух целосно да ја разберат позицијата на Зеленски, и интересите на неговата држава, кои се всушност интереси на цела Европа. Иако, токму тие сега се “жртвата”.
“Не им го прави на другите, тоа што не сакаш да ти го прават тебе”, е излитена фраза, особено кога очекуваме секогаш “другите” да ни ја “завршат” нашата работа; и особено кога од другите ги бараме моралните и етичките догми, кои самите ги прескокнуваме.
Овој “дух на времето” е брутален, затоа што се загрозени основните постулати на демократијата и “западниот свет”. И тие се бранат. И нема повеќе простор за “ситни игри” и “туѓи интереси” и особено за “себично поведение”. Се’ се гледа, секоја постапка, секоја лага, секој принцип и интерес.
Во оваа игра сме сите. Картите очигледно веќе се отворени и страните јасно завземени. Членството во ЕУ е одамна безбедносно прашање, економски егзистенијално и цивилизациски базирано. И тоа е главната порака за сите земји од т.н “Западен Балкан”.
И неа ја испорача (воениот) и политички лидер на “слободниот свет”, од “најопасното” место, но беше наменета за сите. Вклучително и за Северна Македонија, и за “отпочнување на преговорите веднаш и без дополнителни одлуки”, после уставните измени. Каков грев е, да си поигруваш со сопствената судбина, цели четири години?

