Во Европската Унија живеат значително повеќе жени отколку мажи, покажуваат најновите демографски податоци на Евростат, при што најголемата разлика е регистрирана во Латвија, додека Малта е на спротивниот крај на листата.
На 1 јануари 2025 година во ЕУ живееле околу 230 милиони жени и 221 милион мажи, односно околу девет милиони повеќе жени.
Тоа значи дека на секои 100 мажи имало 104,2 жени, или женската популација била за 4,2 отсто побројна од машката.
Најизразена е разликата во балтичките земји. Латвија има 115,6 жени на 100 мажи, што е највисок сооднос во Унијата. Следуваат Естонија со 110,8 и Литванија со 110,4 жени на 100 мажи.
На другиот крај е Малта, каде што мажите се значително побројни – на секои 100 мажи има само 88,3 жени.
Мажите се побројни и во Словенија, каде што соодносот е 98,7 жени на 100 мажи, како и во Шведска со 98,8.
Разликите во структурата на населението се поврзани со повеќе демографски фактори, меѓу кои различниот животен век на жените и мажите, стареењето на населението и миграциските движења.
Податоците се дел од интерактивната демографска публикација на Евростат за 2026 година.

