10.8 C
Скопје
8 ноември, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИРЕПУБЛИКА

Карпалак, 25 години подоцна: Мицкоски и Филипче со пораки за сеќавање и надминување на поделбите

Во Македонија во саботата беше одбележана 25-годишнината од загинувањето на десеттемина армиски резервисти кај Карпалак за време на конфликтот во 2001 година, а државни и политички претставници повикаа на зачувување на сеќавањето на жртвите и вредноста на мирот.

На 8 август 2001 година, кај месноста Карпалак на патот Скопје-Тетово, во заседа врз армиски конвој загинаа десет припадници на резервниот состав на Армијата од прилепскиот регион.

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека 8 Август е датум кој останува врежан во колективната меморија и дека времето не ја избришало болката ниту ја намалило почитта кон загинатите.

„Карпалак е наша заедничка рана, но и наша обврска да паметиме. Да не дозволиме имињата и жртвата на загинатите да бидат заборавени“, напиша Мицкоски.

Тој рече дека државата треба да се гради така што почитта кон оние кои ја исполниле својата должност кон Македонија ќе биде „над времето, политиката и поделбите“.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски им оддаде почит на Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски.

„Нивното дело, храброст и жртва нема никогаш да ги заборавиме. Нивната верба во татковината е наша водилка одлучно да продолжиме да ги чуваме националните интереси“, рече Мисајловски.

Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, рече дека Карпалак не треба да остане само датум во календарот, туку да биде потсетник за значењето на мирот и стабилноста.

„Карпалак е потсетник дека мирот и стабилноста се бранат со одговорност, а не со поделби. Иднината на Македонија се гради заеднички, без страв и без омраза“, рече Филипче.

Одбележувањето на 25-годишнината започна во Прилеп со положување цвеќе пред спомен-обележјето во касарната „Мирче Ацев“, од каде што на 8 август 2001 година тргнал армискиот конвој кон Тетово.

Почит беше оддадена и кај Карпалак, на вечните почивалишта на загинатите, како и пред Спомен-комплексот во центарот на Прилеп.

 

Related posts

Сиљановска-Давкова од Самитот на НАТО: Единство, безбедност и пораки за ЕУ интеграции

admin

Иран извршил воздушни напади во Ирак и во Сирија

admin

Кога знаењето не се претвора во иновација, кадрите си заминуваат

admin

Иран ги турка енергетските пазари кон криза

admin

Уапсени 13 возачи низ државата, одземени шест автомобили поради опасно возење

admin

Кошта ја повтори пораката од Брисел, Мицкоски останува на позицијата за гаранции

admin