24.8 C
Скопје
5 октомври, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАУКА

Кога знаењето не се претвора во иновација, кадрите си заминуваат

Универзитетите треба да бидат поотворени за соработка со граѓанскиот сектор и економијата, додека високото образование треба да создава повеќе простори за истражување, развој на прототипи и иновации. Без таков систем, тешко е да се изгради конкурентна економија и да се спречи одливот на кадри. Ова го оценува Ирина Јаневска, извршна директорка на АРНО, говорејќи за иновациите, универзитетското образование и предизвиците со кои се соочува Северна Македонија.

Јаневска истакнува дека АРНО, организацијата во која работи, веќе 13 години ги поддржува социјалните и зелените бизниси и дека, според нејзиното искуство, нивото на иновации во земјата останува многу ниско.

Дел од проблемот, според Јаневска, е директно поврзан со образованието. Универзитетите, оценува таа, треба да бидат многу поотворени за соработка со граѓанскиот сектор и со другите актери во општеството.

Во таа насока, таа предлага создавање повеќе научноистражувачки центри, но и практични простори каде што идеите можат да се претворат во конкретни производи.

“Не само истражувачки центри, туку и простори каде што можат да се развиваат прототипи и да се организираат хакатони“, истакнува Јаневска.

Според неа, универзитетот не треба да се ограничува само на создавање теоретско знаење, туку треба да создава услови студентите, истражувачите и иноваторите да можат да ги тестираат своите идеи и да ги развиваат до конкретни производи или применливи решенија.

Јаневска ја смета улогата на универзитетите во економскиот раст за неспорна. “Универзитетите создаваат кадри кои потоа влегуваат на пазарот на трудот и тие треба да бидат квалитетни кадри, а не само дипломи кои немаат никаква вредност“, вели таа.

Сепак, таа укажува на неусогласеноста меѓу универзитетското образование и реалните потреби на пазарот на трудот.

Според Јаневска, истражувањата и тестирањата што ги спроведува организацијата во која работи покажуваат дека постои јаз меѓу она што го нуди универзитетското образование и она што реално се бара на пазарот на трудот.

Оваа неусогласеност, според неа, ја ослабува улогата на универзитетите во економскиот развој и го отежнува преминот на дипломираните студенти од образованието кон одржливо вработување.

Според неа, од Северна Македонија заминуваат луѓето кои поседуваат барани вештини и професии. “Апсолутно да, и не само младите. Секој што има некаква вештина си заминува“, нагласува таа.

Како конкретен пример таа ги посочува и занаетчиските професии. АРНО работи со Центар за поправки и, според Јаневска, и овде сè потешко се наоѓаат квалификувани мајстори.

“Работиме со Центар за поправки и многу е тешко да најдеме мајстори. Секој што има таква вештина е надвор од Македонија“, вели Јаневска.

Во визијата на Јаневска, универзитетот во 2035 година треба да биде многу подинамичен, попрактичен простор, ориентиран кон студентот.

“Универзитетот во 2035 година, според мене, треба да биде голем простор во кој студентот е во центарот на сè“, истакнува таа.

Покрај квалитетните студиски програми, универзитетите на иднината, според неа, треба да имаат простори каде што се развиваат прототипи, каде што студентите работат со ментори и каде што функционираат истражувачки центри.

 

Текстот е работен во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас. 

Содржината на овој текст е единствена одговорност на Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.

Related posts

Зошто ескалираат внатрешните конфликти во СДСМ?

admin

Одмор што почна со нервози: Илјадници возила чекаат влез во Грција

admin

Влада на Мицкоски – само три жени министерки, вицепремиер близок до Москва

admin

САД се соочува со кризата на јајцата

admin

Речиси 14 години цела плата за стан во Скопје, во Тирана е уште потешко

admin

„Пропуштена шанса“: Поранешен амбасадор на САД остро го критикува Самитот на НАТО во Анкара

admin