31.4 C
Скопје
13 јули, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Мицкоски подготвен за законски измени за полагање правосуден испит и на албански јазик

Премиерот Христијан Мицкоски изјави во вторникот дека е подготвен да се разгледаат измени на Законот за употребата на јазиците, со кои би се овозможило албанските граѓани да го полагаат правосудниот испит и на албански јазик.

Одговарајќи на новинарско прашање за несогласувањата во Владата, откако министерот за правда Игор Филков се изјасни против ваквото барање што го отвори вицепремиерот Беким Сали, Мицкоски рече дека решението мора да се темели на уставни и законски основи.

Тој посочи дека Уставот јасно го утврдува македонскиот јазик како официјален на целата територија и во меѓународна употреба, но и дека, согласно Амандманот V, официјален јазик е и јазикот на заедницата која сочинува над 20 отсто од населението, во согласност со закон.

„Процесот на полагање мора најпрво да биде уреден со закон. Законот, во оваа форма, не дозволува ваков тип на полагање“, рече Мицкоски, додавајќи дека е подготвен тоа да се регулира законски, не само за албанскиот јазик, туку и за јазиците на сите заедници наведени во Преамбулата на Уставот.

Премиерот нагласи дека Владата има потреба од квалитетни правници и оцени дека, без прецизни законски решенија, дебатата се сведува на политиканство.

Мицкоски најави дека евентуалните законски измени би биле доставени на мислење до Венецијанската комисија, потсетувајќи дека постојниот Закон за употребата на јазиците добил негативно мислење токму во делот што се однесува на правосудството.

Тој додаде дека ќе ги повика на разговор сите инволвирани страни со цел да се најде решение, оценувајќи дека ова прашање не треба да создаде тензии во владината коалиција. „Дебатата е здрава и очекувам таа денеска да заврши“, рече Мицкоски.

Во меѓувреме, генералниот секретар на опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ), Арбер Адеми, остро го критикуваше министерот за правда Игор Филков, обвинувајќи го за, како што наведе, погрешно толкување на Уставот и Законот за употребата на јазиците.

Во објава на социјалните мрежи, Адеми наведе дека Законот за употребата на јазиците од 2018 година претставува „lex specialis“ и овозможува употреба на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните и во комисии, вклучително и комисијата за правосуден испит, без потреба од дополнителни законски интервенции.

Тој додаде дека секој обид прашањето да се регулира преку други закони или со поинакви толкувања претставува, како што рече, обид за „демонтажа“ на Законот за употребата на јазиците.

Related posts

Европски фронт: Владата со ВРЕДИ и ВМРО-ДПМНЕ го губи албанскиот легитимитет

admin

Таравари: Почит и професионализам во известувањето за трагедијата во Кочани

admin

Филипче: Не чувствувам вина за случајот „Онкологија“, нека одговара кој го прекршил законот

admin

Поевтинува дизелот

admin

Исмет Гури спроведен во Кривичен

admin

Доналд Трамп: Зошто Европа не дава повеќе пари за да и помогне на Украина?

admin