29.5 C
Скопје
13 јули, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Северна Македонија без напредок во борбата против корупцијата

Северна Македонија и во 2025 година останува на 40 поени на Индексот за перцепција на корупцијата (ЦПИ), што укажува на отсуство на суштински напредок во борбата против корупцијата, соопшти во вторникот организацијата Транспаренси интернешнл.

Иако земјата формално напредувала за четири места на ранг-листата и сега се наоѓа на 84-то место, од организацијата велат дека подобрувањето е релативно и не произлегува од внатрешни системски реформи, туку од полоши резултати кај други земји.

„Овој резултат покажува константа, а не напредок, и треба да се смета како почетна точка од која реформите мора да продолжат“, се наведува во соопштението.

Транспаренси интернешнл како клучни проблеми ги посочува неуспешните и недовршени реформи во судството и обвинителството, кои, според организацијата, не обезбедуваат ефикасен, независен и отчетен правосуден систем.

Дополнително, довербата на јавноста во институциите задолжени за борба против корупцијата била сериозно нарушена поради настаните поврзани со поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Организацијата изразува загриженост и за нетранспарентниот процес на измените на Кривичниот законик, оценувајќи дека тие не ја зајакнале, туку во одредени сегменти ја ослабнале антикорупциската рамка.

Како дополнителен проблем се наведува и тоа што сè уште не се донесени новиот Закон за укажувачи, како и измените на Законот за спречување на корупција и судир на интереси.

„Без вистинска политичка волја, транспарентни процеси и отчетни институции, Северна Македонија ризикува да остане заглавена во долгорочна стагнација“, наведува Транспаренси интернешнл, додавајќи дека борбата против корупцијата мора да биде врвен државен приоритет, а не декларативна заложба.

Глобалниот просек на Индексот за перцепција на корупцијата изнесува 42 поени од можни 100, што е најниско ниво во повеќе од една деценија, покажува најновиот извештај на организацијата.

Индексот за перцепција на корупцијата (ЦПИ) на Транспаренси интернешнл се објавува веќе 31 година и опфаќа повеќе од 180 земји и територии, рангирани според перципираното ниво на корупција во јавниот сектор.

Најновиот извештај покажува влошување и кај некои од најразвиените демократии, меѓу кои Соединетите Американски Држави, Канада, Велика Британија и Шведска. За 2025 година, бројот на земји со повеќе од 80 поени – ниво што укажува на висока чистота на јавната администрација – е намален на пет, од 12 пред една деценија.

Данска и натаму е најдобро рангирана земја во светот, со 89 поени, осма година по ред, следена од Финска со 88 и Сингапур со 84 поени.

Транспаренси интернешнл предупредува на недостиг од „смело лидерство“ на глобално ниво, оценувајќи дека во повеќе земји борбата против корупцијата повеќе не се третира како политички приоритет.

САД бележат најнизок резултат досега – 64 поени, што е пад од 10 поени во однос на 2016 година. Организацијата наведува дека влошувањето е резултат на долгорочни политички и институционални слабости, вклучително и етички скандали со висок профил и постапки што, според извештајот, ја поткопуваат независноста на судството и обвинителството.

Во Европа, значителен пад во последната деценија е регистриран во Велика Британија, Франција и Шведска, додека Канада, Нов Зеланд и Германија исто така бележат послаби резултати во однос на претходните години.

Извештајот посочува дека корупцијата сè почесто станува системска, особено во земји со слаби институции, концентрирана политичка моќ и ограничен демократски надзор. Според податоците, повеќе од две третини од земјите во светот имаат резултат под 50 поени, што укажува на сериозни проблеми во контролата на корупцијата.

Северна Македонија во 2025 година е рангирана на 84-то место, со 40 поени.

Related posts

Избори за ЕП: Макрон може да биде поразен од екстремната десница

admin

Локални избори со национални и глобални теми

admin

Тајниот план за мир – САД и Украина постигнуваат пробив, Русија се сомнева

admin

Етничките тензии и визниот режим ја тестираат социјалната стабилност на Црна Гора

admin

ОСМАНИ: БУГАРИЈА ПОТКЛЕКНА ПРЕД ПРОВОКАЦИИТЕ

ninja

Хаос во Каракас: Моќен земјотрес урна десетици згради и го затвори аеродромот

admin