Лидерите на ДУИ и Алијансата за Албанците, Али Ахмети и Арбен Таравари, вечерва се сретнаа во Тетово за да ги координираат активностите пред предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница, соопшти ДУИ.
На средбата присуствуваат и претставници од раководствата на двете партии, а главна тема е заедничкиот настап во поддршка на кандидатот Аркин Јахији.
Според ДУИ, Ахмети и Таравари разговараат за организацијата на активностите на терен и за ангажирањето на партиските структури од коалицијата Национална алијанса за интеграција (НАИ).
На состанокот треба да бидат утврдени и следните чекори за заеднички настап во пресрет на изборниот процес во Брвеница.
Средбата доаѓа во период на засилено политичко позиционирање меѓу партиите од албанскиот блок, при што предвремените избори во Брвеница стануваат еден од првите конкретни тестови за нивната меѓусебна координација.

