Алијансата за Албанците не ја исклучува можноста за влез во Владата, но засега не дава јасен одговор, откако претставници на владејачкото мнозинство најавија отвореност за соработка.
Од партијата предводена од Зијадин Села изјавија дека во моментов се фокусирани на внатрешните партиски процеси, без да потврдат или демантираат потенцијално приклучување кон извршната власт.
„Во моментов се занимаваме со конгресот на партијата“, велат од Алијансата за Албанците.
Претходно, еден од лидерите на коалицијата ВЛЕН, Изет Меџити, изјави дека постои можност Села да стане дел од владината коалиција, додавајќи дека комуникацијата се одвива на повеќе нивоа.
„Постои можност Села да се приклучи кон Владата. Вратата е отворена, комуницираме на различни нивоа“, рече тој.
Меџити најави дека во рамки на евентуална реконструкција на Владата се разгледуваат кадровски промени и ротации, но не прецизираше детали.
Засега останува неизвесно дали разговорите ќе резултираат со конкретен договор.

