Министерот за здравство Азир Алиу интервенирал за бездомник со тешка инфекција на ногата, откако човекот, според сведоштво објавено од „Слободен печат“, претходно не успеал да добие навремена здравствена помош.
Бездомникот бил затекнат на улица „Македонија“ во центарот на Скопје, со сериозни рани и инфекција на левата нога, поради што не можел нормално да се движи.
Тој изјавил дека претходно двапати била повикана Брза помош, но дека му било кажано оти нема возила и дека треба сам да оди во Ургентен центар, ГОБ „8 Септември“ или Градска болница.
„Каде може да одам јас, не можам да одам. Едвај се движам“, изјавил тој, додавајќи дека состојбата му се влошувала.
Според текстот, по интервенција на министерот Алиу, екипа на Итната помош пристигнала на местото и човекот бил пренесен на Ургентниот центар при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
Случајот повторно го отвори прашањето за капацитетите на Итната медицинска помош во Скопје, која, според изјави на надлежните, и натаму функционира со ограничен број екипи во смена.
Од Здравствен дом Скопје претходно било побарано вработување на 35 медицински тимови за Брзата помош, но, според објавата, одговор од Министерството за финансии сè уште нема.

