26.8 C
Скопје
16 септември, 2026
Inbox7.mk
ИНТЕРВЈУ

ИНТЕРВЈУ / Зоран Иванов: ВИ е феноменална алатка, но новинарот мора да остане чувар на точноста и изворите

Вештачката интелигенција забрзано влегува во редакциите и го менува начинот на кој новинарите пребаруваат информации, анализираат податоци и создаваат содржини. Но брзината и можностите што ги нуди технологијата не ја намалуваат одговорноста на новинарот – напротив, ја зголемуваат потребата од проверка на фактите, веродостојни извори и почитување на професионалните и етичките стандарди.

Во интервју за СКУП, долгогодишниот новинар и медиумски менаџер Зоран Иванов вели дека ВИ може да биде „феноменална алатка“ и еден од клучните соработници на современото новинарство, особено во аналитичките и истражувачките стории. Сепак, предупредува дека редакциите не смеат премногу да се потпираат на неа, ниту содржините генерирани со ВИ да ги објавуваат без внимателна проверка.

За Иванов, прашањето не е само дали една содржина е создадена со помош на ВИ, туку од кои извори потекнува, како е проверена и дали новинарот ја задржал професионалната контрола врз конечниот производ.

Во време кога информацијата се движи со огромна брзина, а социјалните мрежи практично го претвораат секој граѓанин во потенцијален известувач, Иванов смета дека токму проверката, автентичноста и професионалната обработка остануваат линијата што го одвојува новинарството од обичното ширење информации.

Иднината, според него, ќе му припаѓа на новинарството кое ќе успее да ги искористи новите технологии, но истовремено ќе одолее на сензационализмот, шпекулациите, лагите и пропагандата.

 

СКУП: Со оглед на вашето богато новинарско и менаџерско искуство во медиумската сфера, кои се главните предизвици во употребата на вештачката интелигенција во новинарството?

Зоран Иванов: Првиот предизвик е новинарството да не се потпира премногу на ВИ, туку да го прави тоа изворно, со своите стандардни принципи за објективност, за точност, за проверка на фактите пред тие да бидат јавно презентирани. Токму во таа функција новинарството треба да ја користи ВИ.

Да ја користи внимателно и уште повнимателно да објавува содржини добиени од ВИ. Ова посебно во смисла на задолжително посочување на изворите кои, на барање на новинарот, на редакцијата, им ги препорачува ВИ.

СКУП: Постојано се зборува за етичка употреба на алатките за вештачка интелигенција. Каде се границите на етичкото и професионалното во споредба со понуденото од вештачката интелигенција?

Зоран Иванов: Па, нема гаранции. Мислам дека во овој контекст, во контекст на интеракцијата новинарство – ВИ, нема граници. ВИ е феноменална алатка новинарството да добие и во брзина и во прецизност. Особено ќе биде, а веќе е, корисна во делот на аналитичкото и истражувачкото новинарство.

ВИ е одличен, неисцрпен извор на хронолошки, тематски факти, корисни за денешното новинарство кое, исто како и новите информатички технологии, вклучително и интернетот како една од најважните и најнеизбежните, треба да добие во „брзина“. Патем, новинарството отсекогаш претендирало на брзина. Денес тоа посебно не смее да заостанува зад севкупните динамични случувања.

Консументите на новинарските продукти, за разлика од времето на т.н. печатено новинарство, кога весникот се купуваше на киоск, се отвораше на работа или дури по работното време, дома, и се читаше во пантофли, денес и настаните и новинарските реакции на случувањата од новинарите, од редакциите бараат брзина, зашто една вест, една тема значајна за сите или барем за одредена целна група, поклопена од други случувања, може бргу да исчезне и да заврши невидена, непрочитана.

Како и сè, и новинарството денес е на светлосно брза трака, па, во овој контекст, ВИ му е меѓу клучните соработници.

СКУП: Колку може и треба да се верува на информациите кои ги добиваме преку интернет, а се генерирани од вештачката интелигенција?

Зоран Иванов: Не можеме да знаеме, но можеме да дознаеме кој од новинарските продукти е изворно новинарски, редакциски, медиумски, а кој е „украден“ од ВИ. Ова „украден“ не го велам во пежоративна смисла, туку напротив. ВИ денес ја имаме за да ни сервира информации како на послужавник, но притоа и овде е важен изворот.

Според мене, помалку е важно дали новинарскиот производ е креиран со ВИ или не, колку што е важно што, како, на кој начин, со која формулација, колку прецизно од ВИ сме побарале информации и, посебно, дали сме ѝ побарале да ни ги претстави нејзините извори за темата за која бараме помош од неа.

Денес можете во само неколку минути да допрете, да отворите десетина медиуми, да исурфате десетина редакции во потрага по некоја вест, да ја компарирате, да се решите за најавтентичната и да се определите кој од изворите, кој од медиумите ќе ја ќари вашата доверба.

Значи, по мене, важно е колку и какви квалитетни извори ни презентира ВИ, кои од тие извори како новинари, а врз основа на нашиот емпириски пристап, ќе ги користиме, а кои ќе ги игнорираме.

СКУП: Дали брзината на информациите понекогаш треба да биде на штета на квалитетот?

Зоран Иванов: Не, секако не, ама брзината е исто така многу важна и затоа пак се навраќам на изворот. Секако дека во новинарството најавтентично е живото новинарско сведочење. Но денес веста не морате прво да ја донесете во редакција, туку можете веднаш од вашиот смартфон да ја испратите во етерот. А и конкуренцијата е преголема.

Денес секој граѓанин е новинар или може да биде тоа. Денес многу редакции, при емитување информации за разни настани и појави, се потпираат токму на вести раширени од граѓани преку социјалните мрежи.

Но, за разлика од авторите на таквите информации, за разлика од граѓаните новинари, на професионалниот новинар, на новинарството воопшто, им останува обврската да ја проверат веста, да ја надградат со дополнителни службени или истражени информации и да ја обликуваат согласно новинарските професионални стандарди.

СКУП: Каде ја гледате иднината на македонското новинарство?

Зоран Иванов: Ех, кој тоа би го знаел во оваа технолошка експанзија. На времето, одамна, кога се појави телевизијата, се зборуваше дека заврши приказната со радиото. Пред тоа, весниците не згаснаа со појавата на гласот во етерот.

Секако дека денес забрзано исчезнува нивниот „рото“ формат, но ги имаме метаморфозирани во електронски дизајн и еве ги – живеат, дури се и повитални. Катадневно никнуваат нови портали со текст и фотографии, а видеата им се додадена вредност, како придобивка, како подарок од новите технички и технолошки можности и, секако, од неговото величество – интернетот.

Оттука, мислам дека новинарството има сегашност и дека има и иднина. Но иднина ќе има само она новинарство кое ќе умее да одолее на сензационализмот и на шпекулациите. Она новинарство кое ќе стане имуно на лагите и на пропагандите. И она кое ќе умее да ги негува изворните информации и кое ќе умее да ги разобличува пропагандите.

И нека внимава, зашто ВИ ја демне неговата искреност и ги регистрира неговите деформации.

 

Овој текст е подготвен во рамките на проектот „Зајакнување на етичката употреба на генеративни алатки за вештачка интелигенција и медиумското покривање на вештачката интелигенција преку образованието по новинарство во Северна Македонија“, финансиран од Меѓународната програма за развој на комуникациите (IPDC) на УНЕСКО. Изразените ставови и мислења се исклучиво на авторот/авторите и не мора да ги одразуваат ставовите на УНЕСКО како донатор. При изработка на овој текст се користени помошни ВИ-системи.

Related posts

ИДРИЗИ: НЕОПХОДНО Е ДЕПОЛАРИЗАЦИЈА НА ДИСКУРСОТ ВО ЈАВНИОТ ПРОСТОР

admin

Османи: Мојата кандидатура е референдум за идеја на која ѝ е дојдено времето

admin

Дрита Абдиу Халили: Процесот на проширување не чека никого, Северна Македонија треба да одлучи дали ќе го искористи моментот

admin

Лавдрим Лита: Трамп воопшто го нема Балканот на работната маса

admin

Муцунски: Непријатната ситуација со ЕУ е резултат на претходната попустлива надворешна политика на нашите претходници

admin

(ВИДЕО) Милошоски: Би било наивно да се смени Уставот само за да се отпочнат преговори за членство

admin