Претседателот на СДСМ Венко Филипче ја повика пратеничката Славјанка Петровска да одлучи дали ќе продолжи да дејствува со платформата „12:05“, оценувајќи дека групата го дефокусира вниманието од критиките на опозицијата кон Владата и обвинувајќи ја дека дејствува во корист на премиерот Христијан Мицкоски.
Изјавите го продлабочуваат јавниот судир во СДСМ, откако платформата составена од сегашни и поранешни функционери на партијата побара промена на актуелното раководство и најави план за пошироко опозициско поврзување.
Филипче рече дека пратеничката група на СДСМ е хомогена и дека пратениците заеднички ги градат политиките и ги координираат своите активности.
Но посебно ја издвои Петровска, која е дел од „12:05“, а истовремено останува пратеничка избрана од листата на СДСМ.
„Славјанка Петровска ја слушав вчера, многу е принципиелна. Треба да каже дали, според нејзините принципи, сега сите луѓе што сме околу неа и добро ја знаеме нејзината работа во Парламентот, таа пратеничка група, дали сме криминалци? Но, и покрај сето тоа, продолжува да оди со нив. Тоа е прашањето“, рече Филипче.
„Нека одлучи сама“
На дополнително прашање за иднината на Петровска во пратеничката група, Филипче рече дека одлуката е нејзина.
„Таа има некои нејзини принципи. Нека одлучи според нејзината принципиелност. Јас добро ја знам Славјанка Петровска. Има принципи“, рече тој.
Потоа додаде: „Ако не ѝ одговараат, има и други резервни принципи. Така што, нека си одлучи ссамата“
Петровска во саботата рече дека СДСМ мора да се реформира ако сака да биде двигател на пошироко опозициско движење и најави дека платформата ќе му достави стратегија на раководството на партијата.
Таа оцени дека сегашната политика на СДСМ ѝ овозможува на ВМРО-ДПМНЕ полесно да остане на власт, став спротивен на тврдењето на раководството дека токму „12:05“ ја слабее опозицијата.
“Спремен сум да ги слушнам”
И покрај острата реторика, Филипче не ја исклучи можноста за разговор со членовите на платформата.
„Јас сум спремен да разговарам, да дебатирам со кој било што има добра намера. Што ќе ни предложат, а што ние сега не го знаеме, ќе ги слушнеме“, рече тој.
„12:05“ најави дека нема да формира нова партија или независни изборни листи, туку сака структурни промени во СДСМ и создавање поширок опозициски фронт. Нејзините претставници велат дека СДСМ треба да има значајна улога во таков фронт, но не со Филипче и сегашното раководство.
На втората сесија во саботата платформата разговараше и за промена на изборниот модел, предлагајќи Северна Македонија најпрво да стане една изборна единица, а во следната фаза да се воведат отворени листи.
„Сателити на Мицкоски“
Најострата порака Филипче ја упати кон политичката заднина на иницијативата.
„Што е намерата на таа група, на сите сателити на Христијан Мицкоски, собрани на едно место?“, праша тој.
Филипче тврди дека платформата се активира во моменти кога СДСМ отвора прашања за работата на Владата и дека на тој начин се дефокусира јавноста.
„Нема да им помине. Никој тука не е наивен. Имаме малку поголема политичка мудрост од тоа што мислат“, рече тој.
Во разговорите влезе и Левица
Политичката тежина на спорот се зголеми откако на разговорите организирани од „12:05“ се приклучи и Левица.
Пратеникот Амар Мециновиќ рече дека неговата партија разговара и со други политички субјекти, независни листи и независни кандидати за можностите за поширок опозициски одговор.
Тоа го проширува спорот надвор од внатрешните односи во СДСМ.
“Левица е проруска и прокинеска партија”, нагласи Филипче опишувајќи ја новата групација како анти НАТО и анти ЕУ.
Додека Филипче ја претставува „12:05“ како иницијатива што ја слабее опозицијата, платформата тврди дека токму сегашното раководство на СДСМ не може да го предводи опозициското обединување.
Во неделата еден од предводниците на платформата, Игор Ивановски, дополнително ја заостри реториката, оценувајќи дека Филипче и луѓето околу него станале „фракција“ во СДСМ и тврдејќи дека членството е на страната на иницијативата.
Судирот сè повеќе се претвора во борба околу две прашања: кој го контролира политичкиот правец на СДСМ и кој ќе го организира поширокиот опозициски простор пред следните парламентарни избори.

