Седум години по автобуската несреќа кај Ласкарци, во која загинаа 16 лица, еден од најголемите судски предмети за сообраќајна трагедија во Северна Македонија повторно се враќа чекор назад.
Врховниот суд ја укина пресудата на Апелациониот суд Скопје и го врати предметот на повторно одлучување, оценувајќи дека второстепениот суд не објаснил доволно прецизно како постапките на секој од шестмината осудени придонеле за несреќата и врз кои докази е заснована нивната индивидуална кривична одговорност.
Одлуката не значи дека Врховниот суд утврдил дека осудените се невини.
Таа значи дека Апелација повторно мора да ги разгледа жалбите и да даде конкретни одговори на прашањата што, според највисокиот суд, останале неодговорени.
Во меѓувреме, одлуката веќе произведува непосредни последици: Јане Боваровски, еден од осудените во предметот, се ослободува од понатамошно издржување на затворската казна до донесувањето нова судска одлука.
Клучното прашање: кој придонел за несреќата и како?
Во центарот на одлуката на Врховниот суд е причинско-последичната врска меѓу дејствијата на секој осуден и самата трагедија.
Според образложението, вештачењата и супервештачењето посочувале на пропуст на возачот Маноил Трифуновски, но истовремено констатирале и неисправна техничка состојба на автобусот.
Проблемот, според Врховниот суд, е што не било доволно објаснето колку техничката неисправност реално влијаела врз несреќата.
Особено значаен е наодот дека немало траги од сопирање.
Според вештачењата на кои се повикува Врховниот суд, автобусот бил насочен налево, ја напуштил средната сообраќајна лента и, со оглед на растојанието и времето, возачот веќе немал техничка можност со сопирање да го избегне ударот во првата еластична метална ограда.
Оттука произлегува прашањето на Врховниот суд: ако тоа е утврдената динамика на несреќата, врз кои конкретни факти и докази е утврдена кривичната одговорност на останатите осудени?
Ова е суштината на правниот проблем што предметот го враќа пред Апелација.
Во постапката било утврдувано дека автобусот имал технички недостатоци.
Но за кривична одговорност не е доволно само да се констатира недостаток.
Судот треба да образложи каква била причинската врска меѓу конкретниот пропуст, постапувањето на конкретниот обвинет и конечната последица.
Врховниот суд оценил дека тоа не било направено доволно конкретно за сите осудени.
Тоа е особено важно бидејќи во предметот не беше обвинет само возачот.
Одговорност се утврдуваше и за сопственикот на „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт и вработени во станицата за технички преглед.
Врховен има забелешки и за првостепената пресуда
Проблемот, според највисокиот суд, не започнал само во Апелација.
Врховниот суд оценил дека во првостепената пресуда преовладувал дескриптивен пристап – биле наведувани делови од изведените докази, но без доволно образложение зошто токму тие докази водат кон конкретните судски заклучоци.
Апелација требало преку жалбената постапка да ги разгледа тие недостатоци.
Наместо тоа, според Врховниот суд, второстепениот суд дал воопштени одговори на прашања кои се од суштинско значење за утврдувањето на кривичната одговорност.
Затоа Апелација сега ќе мора повторно да ги анализира жалбените наводи.
Врховниот суд посочува уште еден значаен проблем – здравствената состојба на возачот.
Трифуновски во жалбата го оспорувал тоа што не било спроведено супервештачење за неговата здравствена состојба.
Според Врховниот суд, Апелација требало да утврди дали такво супервештачење е неопходно, особено доколку постоеле спротивставени експертски наоди на страните.
Независното супервештачење би требало да овозможи судот попрецизно да ги утврди фактите што се релевантни за неговата одговорност.
Казните беа значително зголемени
Првостепената пресуда беше донесена во јануари 2024 година, кога шестмината обвинети беа прогласени за виновни за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
Апелација потоа значително зголеми дел од казните.
На сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, казната му беше зголемена на 10 години затвор.
На одговорниот за транспорт Ремзи Мифтари, кој е во бегство, исто така му беше определена казна од 10 години.
На вработените во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски и Горан Дуковски казните им беа зголемени на по седум години.
Казните за Јане Боваровски и возачот Маноил Трифуновски останаа пет, односно 14 години затвор.
Токму фактот што Апелација зголемила дел од казните дополнително ја зголемува важноста на барањето секоја индивидуална одговорност детално да биде образложена.
Одлуката на Врховниот суд веќе има практична последица.
Основниот кривичен суд Скопје соопшти дека добил официјално известување според кое Јане Боваровски се ослободува од понатамошно издржување на затворската казна до донесување нова судска одлука.
Тој е единствениот осуденик во предметот чиј упатен акт за издржување на казната бил издаден од скопскиот Кривичен суд.
За останатите осудени надлежен е судот во Гостивар.
Тоа значи дека процесните последици од одлуката на Врховниот суд допрва треба целосно да се видат.
Трагедијата од 2019 година
Автобуската несреќа се случи на 13 февруари 2019 година.
Автобус на „Дурмо турс“, кој сообраќаше на релација Скопје-Гостивар, излета од автопатот Скопје-Тетово кај селото Ласкарци.
Загинаа 16 лица, а повеќе од 30 беа повредени.
Следуваше сложена истрага и долг судски процес со повеќе вештачења за техничката состојба на автобусот, начинот на кој бил вршен техничкиот преглед и постапувањето на возачот и одговорните лица во компанијата.
Седум години подоцна, предметот сè уште нема конечен судски епилог.
Врховниот суд не ѝ наложил на Апелација каква конечна одлука треба да донесе.
Наместо тоа, бара второстепениот суд целосно да ги разгледа жалбите, да одговори на суштинските наводи и јасно да ја образложи врската меѓу доказите и евентуалната кривична одговорност на секој од осудените.
Апелација веќе го примила предметот и тој е распределен кај судија известител.

