Американските специјални претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер пристигнаа во Москва во саботата на разговори за можен крај на војната во Украина, во момент кога разликите меѓу Москва и Киев за условите за мир остануваат длабоки.
На аеродромот во Москва ги пречекал рускиот претседателски пратеник Кирил Дмитриев, по што конвој со тројцата се упатил кон градот.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин подоцна во текот на денот ќе ги прими Виткоф и Кушнер во Кремљ.
Американскиот претседател Доналд Трамп во петокот изјави дека Вашингтон има нов конкретен предлог за завршување на војната, но не откри детали.
Посетата на Москва е дел од нов дипломатски обид на Вашингтон да ги доближи позициите на Русија и Украина, кои и по повеќе од четири и пол години војна остануваат значително раздалечени.
По Москва – Киев
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Виткоф и Кушнер во недела треба да отпатуваат во Украина, веднаш по средбите во Москва.
Зеленски во саботата обвини дека Русија нападнала два украински аеродрома непосредно пред најавената посета на американските пратеници во Киев.
Кремљ, од друга страна, соопшти дека Путин наредил руската армија три дена да не изведува напади врз Киев, почнувајќи од полноќ во сабота, поради посетата на Виткоф и Кушнер на украинската престолнина.
Кремљ не отстапува од условите
И покрај новата американска дипломатска иницијатива, Кремљ во петокот повтори дека условите што Путин претходно ги постави за прекин на војната остануваат непроменети.
Москва бара Украина да се откаже од целата територија на четири украински региони кои Русија ги прогласи за свои и да се откаже од плановите за членство во НАТО.
Украина ги отфрла овие барања, оценувајќи дека тие практично би значеле капитулација и предавање територија што украинските сили сè уште ја контролираат.
Извор близок до Кремљ за Ројтерс изјавил дека Путин и натаму има намера да освои дополнителна територија, особено во регионот Донецк, пред да прифати договор за линијата на фронтот.
Западни воени аналитичари, сепак, оценуваат дека целосното освојување на Донецк до крајот на годината е малку веројатно со оглед на бавниот напредок на руските сили.
Војната продолжува и покрај дипломатските контакти
Од последната рунда мировни разговори во февруари, Русија и Украина ги засилија нападите со беспилотни летала и ракети длабоко на територијата на противникот.
Фронтот во најголем дел останува стабилен, додека руските сили постепено напредуваат во обидот целосно да го преземат Донбас.
Украинските напади врз руски нафтени рафинерии во текот на летото предизвикаа недостиг на гориво и раст на цените во Русија, додека руските воздушни напади врз Киев продолжија со висок интензитет.
Во петокот руски дрон го погоди седиштето на украинската безбедносна служба СБУ во Киев, што беше десетти последователен ден со силни напади врз украинската престолнина.
Новата дипломатска мисија на Виткоф и Кушнер доаѓа во момент кога Вашингтон се обидува да тестира дали постои простор за договор, иако основните позиции на Москва и Киев засега остануваат речиси непроменети.

