Турција се приклучи на „Артемис договорите“ предводени од САД, со што стана 71. земја која ги прифати принципите за мирно и транспарентно истражување на Месечината, Марс и подалечниот вселенски простор, соопшти НАСА.
Турскиот министер за индустрија и технологија Мехмет Фатих Каџир го потпиша документот во седиштето на НАСА во Вашингтон, на церемонија на која присуствуваа администраторот на НАСА Џаред Ајзакман, претседателот на Турската вселенска агенција Јусуф Кирач и американски претставници.
Потегот доаѓа во период кога Анкара ги забрзува своите вселенски амбиции и се подготвува за својата прва мисија кон Месечината.
Турција се подготвува за Месечината
Следниот голем чекор на турската вселенска програма треба да биде AYAP-1, првата турска лунарна мисија.
Со неа Турција има амбиција да се приклучи на релативно малата група држави кои развиваат и испраќаат сопствени летала кон Месечината.
Земјата веќе направи неколку чекори во програмата за човечки летови во вселената.
Во 2024 година Алпер Гезеравџи стана првиот турски астронаут кој отпатува до Меѓународната вселенска станица. Тој беше дел од мисијата „Axiom Mission 3“ и учествуваше во научни истражувања заедно со астронаути на НАСА.
Истата година вториот турски астронаут, Тува Атасевер, учествуваше во суборбитален лет на „Virgin Galactic 07“, каде спроведуваше експерименти и физиолошки истражувања.
НАСА: Турција може да учествува во идните мисии
Администраторот на НАСА, Џаред Ајзакман, рече дека потписниците на договорите се поканети да придонесат кон идните мисии на програмата „Артемис“.
Тоа може да вклучува развој на хардвер, научни инструменти, демонстрација на нови технологии и мали CubeSat-сателити.
Американската вселенска агенција има поширока цел повторно да испрати луѓе на површината на Месечината и таму да воспостави долгорочно човечко присуство, што треба да послужи и како основа за идни мисии кон Марс.
Што се „Артемис договорите“?
„Артемис договорите“ беа воспоставени во 2020 година од НАСА, американскиот Стејт департмент и седум други земји, во услови на зголемен интерес на државите и приватните компании за Месечината.
Тие не претставуваат класичен меѓународен договор за заедничка вселенска програма, туку збир принципи според кои потписниците треба да ги спроведуваат своите активности во вселената.
Меѓу нив се мирното и транспарентно истражување, помош на астронаути и други лица во опасност, пристап до научните податоци, избегнување мешање во активностите на други мисии и заштита на историски значајни места и артефакти.
Приклучувањето на Турција истовремено ја отвора можноста за поголема соработка со НАСА во идните лунарни проекти.
Анкара дополнително ќе се најде во центарот на светската вселенска заедница во октомври, кога Анталија треба да биде домаќин на Меѓународниот астронаутички конгрес.

