Северна Македонија досега отклучи 142,1 милиони евра од европскиот План за раст за Западен Балкан, а до 2027 година потенцијално ѝ стојат на располагање вкупно околу 750 милиони евра, но добивањето на останатите пари ќе зависи од спроведувањето на договорените реформи.
Австрискиот амбасадор Мартин Памер денеска во Скопје оцени дека земјата направила „одлична работа“ во спроведувањето на Планот за раст и ја посочи сумата од над 140 милиони евра како резултат на досегашниот напредок.
Официјалните податоци на Европската комисија покажуваат дека до јули годинава вкупниот износ на ослободени средства за Северна Македонија достигнал 142,1 милиони евра.
Последната транша – 65,7 милиони евра
Европската комисија на 20 мај одобри ослободување на дополнителни 65,7 милиони евра за Северна Македонија по позитивната оценка на дел од спроведените реформски чекори.
Во случајот на Македонија, Комисијата ги издвои реформите во образованието и дигитализацијата.
Со таа одлука вкупниот износ на средства ослободени за земјата достигна 142,1 милиони евра.
Но целиот План за раст е значително поголем. За Северна Македонија е предвидена индикативна рамка од околу 750,4 милиони евра во грантови и поволни заеми.
Тоа значи дека најголемиот дел од потенцијално достапните средства допрва треба да биде отклучен.
Нема реформи – нема пари
За разлика од класичната финансиска помош, парите од овој европски инструмент се директно врзани со резултатите.
Реформската агенда содржи конкретни квантитативни и квалитативни чекори, а нивното исполнување служи како услов за исплата.
Европската комисија периодично проверува дали договорените обврски се реализирани и врз таа основа одлучува колку средства ќе бидат ослободени.
Механизмот предвидува и можност средствата да бидат намалени доколку државата не ги исполни условите.
Реформите опфаќаат области како владеење на правото, јавна администрација, дигитализација, зелена транзиција, човечки капитал и подобрување на деловното опкружување.
Затоа сумата од 750 милиони евра не е однапред гарантирана исплата. Таа е финансиска можност што Македонија треба да ја претвори во реални пари преку реформи.
ЕУ нуди интеграција пред членството
Планот за раст има уште една димензија која може да биде позначајна од самите трансфери.
Брисел се обидува делови од Западен Балкан постепено да ги интегрира во европскиот единствен пазар уште пред полноправното членство.
Еден конкретен пример е SEPA, европската платежна област, во чиј географски опфат Северна Македонија беше вклучена во 2025 година.
Целта е прекуграничните плаќања во евра да станат поевтини и поедноставни за граѓаните и компаниите.
Следниот голем чекор може да биде роамингот. Европската комисија во февруари предложи отворање преговори за вклучување на шесте земји од Западен Балкан во европскиот режим „Roam Like at Home“.
Ако договорите бидат склучени и земјите ги усогласат правилата со ЕУ, граѓаните при патување меѓу Западен Балкан и Унијата би користеле мобилни услуги без дополнителни роаминг-надоместоци.
Памер процени дека тоа би можело да се случи во рок од една до две години.
Нов модел за проширување?
Паралелно со парите, во ЕУ се води и политичка дебата како кандидатите да добиваат повеќе придобивки пред формалното членство.
Австрија, Чешка, Италија, Словачка и Словенија предложија постепена секторска интеграција на Западен Балкан во единствениот европски пазар.
Франција и Германија исто така поддржуваат концепти на постепена интеграција, преку кои земјите кандидати би добивале пристап до делови од европскиот пазар, програми и политики додека напредуваат со реформите.
Памер рече дека дискусијата за различните предлози сè уште трае.
На 27 септември во Виена е најавена министерска конференција на земјите од Западен Балкан со Австрија, Чешка и Словачка, на која проширувањето и реформите ќе бидат меѓу главните теми.
Вистинската бројка е 750 милиони
За Македонија остануваат повеќе од 600 милиони евра од индикативната рамка чија достапност ќе зависи од реформските резултати и правилата на европскиот инструмент.
Така Планот за раст функционира и како финансиски морков и како механизам за притисок врз владите во регионот.
Колку побрзо се спроведуваат договорените реформи, толку повеќе пари и пристап до делови од европскиот пазар може да добие земјата пред да стане членка.

