12.8 C
Скопје
7 септември, 2026
Inbox7.mk
ИНТЕРВЈУНАСЛОВНА

Гоцевски за Инбокс7: Немаме резервна татковина – независноста е најголемиот историски проект

Северна Македонија одбележува 35 години независност како членка на Обединетите нации и НАТО, но со сè уште незавршен пат кон Европската унија, додека внатрешните слабости во институциите, владеењето на правото и политичката поларизација остануваат сериозен предизвик, оценува проф. д-р Трајан Гоцевски, првиот министер за одбрана во независна Македонија.

Во интервју за Инбокс7, Гоцевски вели дека создавањето и зачувувањето на независната држава е „најголемиот историски национален проект“, нагласувајќи дека земјата успеала мирно да се одвои од поранешна Југославија, да изгради сопствени институции и армија и да стане дел од евроатлантската безбедносна архитектура.

Но, три и пол децении подоцна, според него, дел од очекувањата на граѓаните останале неисполнети.

„Функционирањето на правната држава и владеењето на правото се незадоволителни. Сè уште имаме неприфатлив степен на корупција“, вели Гоцевски, посочувајќи и на високата партизација на општеството, слабата поделба на власта и недоволната улога на академската, бизнис и граѓанската заедница и медиумите во креирањето јавни политики.

Гоцевски, кој учествуваше во преговорите околу распадот на Југославија и во процесот на повлекување на ЈНА од Македонија, оценува дека мирното осамостојување било клучен момент за опстанокот на државата.

Тој вели дека земјата денес е безбедносно поцврсто поставена како членка на НАТО, но предупредува дека новите ризици – сајбер-напади, тероризам, напади врз критичната инфраструктура, миграции, климатски промени и регионална трка во вооружувањето – бараат посилен и поотпорен национален безбедносен систем.

На европски план, Гоцевски оценува дека членството во ЕУ не е потврда за државноста, но дека интеграцијата останува важна стратешка цел. Тој е критичен кон билатералните условувања во процесот и смета дека Унијата мора да покаже појасна геополитичка визија за Западен Балкан.

„Ние немаме резервна татковина“, вели Гоцевски. „За независна македонска држава, дом за сите нејзини граѓани, компромис нема и не може да има.“

Инбокс7: Професоре Гоцевски, како од оваа временска дистанца од 35 години ги оценувате состојбите кај нас?

Трајан Гоцевски: Неоспорен е фактот дека денеска одбележуваме еден од најзначајните датуми од нашата понова историја.

Точно е и тоа дека во овој период се соочувавме со бројни сензитивни и ризични настани, кои ретко кој народ ги поминал во еден толку краток период. Идејата за создавање независна држава во минатото не ни беше наклонета.

Секогаш имаше пречки, обиди за поделби и реални делби, обиди за обезличување, па до обезименување на македонскиот народ.

Македонските граѓани, во подалечната, но и во поновата историја, неретко беа присилно раселувани, понижувани, уценувани, нешто што го чувствуваме и со што се соочуваме до денешен ден.

Но, македонскиот народ, останатите малцински народи и нивните водства имаа јасна цел: да создадат независна македонска мултикултурна држава. Таа цел ја имаа преродбениците, предилинденците, илинденците, асномците и поновата генерација македонски лидери по 90-тите години, по распадот на Југославија.

Да создадеме наша држава со свои институции, армија и црква.

Тоа никогаш не било лесно на Балканот.

И во деведесеттите години нашата цел беше јасна: независна и суверена држава, со мултиетничко општество, систем на парламентарна демократија, правна држава со владеење на правото за сите нејзини граѓани, држава со висок праг на човекови права и слободи, функционална пазарна економија, социјална држава, држава во која ќе има слобода на медиумите и слобода на мислење, формирање институции како атрибут на една современа демократска држава и, се разбира, автокефална Македонска православна црква и верски заедници на сите останати граѓани од друга вероисповед.

Без ниту малку колебање ќе кажам дека формиравме независна држава, ги формиравме сите државни институции – Собрание, Влада, државните органи и институции, дипломатија, систем за национална безбедност, Народна банка, наша парична единица, сопствена Армија.

Пред три децении донесовме три стратешки одлуки: Македонија – членка на ООН, членство во НАТО и членство во ЕУ.

По стратешките одлуки на македонското раководство по распадот на Југославија и смелите одлуки на новата генерација политичари, ги заокружуваме трите коридори кои си ги поставивме.

Денеска Република Македонија е полноправна членка на ООН, како македонска држава, со народ со идентитет, култура, традиции и свој македонски јазик.

Денеска Република Македонија е членка на НАТО, дел од евроатлантската безбедносна зона, со забетониран територијален интегритет, суверенитет и независност.

Денеска сè уште сме на почеток на преговорите за членство во ЕУ. Сме блокирани, но сме во право и ќе излеземе и од овој ќор-сокак кој ни го приреди нашиот источен сосед.

Зад Македонија, сепак, застанаа добар дел од државите, вклучувајќи ги и САД како наш стратешки партнер, а тоа не е малку. Во историјата наназад, т.н. меѓународна заедница некогаш не застанала зад нас, освен за делбите и поделбите?

Според мене, сепак, големата слика за која се залагавме ја постигнуваме.

Што мора да знаеме?

На нас Македонците и на другите заедници кои живеат во Македонија никогаш никој ништо не ни подарил.

И независноста не ни е подарена. Тоа мора да го запаметиме сите, а особено младите. Референдумот на 8 Септември не е случаен, туку осмислено заокружување на нашата независност.

Гласот за суверена Македонија беше глас за човечкото достоинство, секој да реши за себе и за својата иднина.

Се вкрстија идеалите на многу генерации со сегашната реалност. Сите критериуми за меѓународно признавање ги исполнивме без навреда кон никого, како што ни доликува како народ.

По мирен и цивилизациски пат се разделивме, без пролевање крв, како што некои го направија. Не дозволивме да се отвори војна во Македонија, а ја бараа одредени кругови и однадвор, но и некои структури однатре.

Го зачувавме и одржавме мултиетничкиот соживот во Македонија.

Бевме свесни дека иднината на државата зависи од тоа сите граѓани да ја чувствуваат како своја татковина, како и од нашата интеграција во меѓународните институции, бидејќи малите држави не можат сами да опстанат.

Затоа сите граѓани ги вградија своите копнежи, своите стремежи, своето знаење и своите животи во создавањето, негувањето и развојот на нашата заедничка држава.

Гинеа за неа илјадници наши претходници, прадедовци, дедовци, татковци и браќа, мајки и сестри, и затоа таа стана жива реалност на Балканот.

Затоа независна Македонија е света земја за сите нас.

Инбокс7: Учествувавте во преговорите за распадот на поранешна Југославија, а потоа, во најтурбулентниот период, бевте министер за одбрана во првата Влада на независна Македонија. Важите за архитект на мирното одвојување на Македонија од поранешна Југославија. Избегнавме војна. Ја формиравте Армијата на Република Македонија. Имате неоспорен придонес и за нашето зачленување во НАТО. Денеска, 35 години сме независна држава, но сепак како постојано да се бориме за докажување на нашата државност. Кој е вашиот коментар?

Трајан Гоцевски: Борбата за зацврстување на својата државност на секоја земја е долг, макотрпен и честопати болен процес.

Тоа, пак, е особено тешко ако се случува на Балканот, кој најмногу од сè произведува историја, наместо демократија, култура, материјални добра и просперитет за своите граѓани.

Како што напомнавте, имав чест и голема одговорност да им служам на македонските граѓани во првата Влада на независна Македонија, како министер за одбрана.

Се залагав за мирната разврска со дотогашната држава.

Деноноќно работев да ја дислоцираме ЈНА од Македонија без инциденти и жртви.

Работев на донесувањето на Законот и другата легислатива за формирањето на АРМ и за нејзиното формирање, чин кој го потврдуваше независниот статус на Македонија како суверена држава.

Ја одбегнавме војната и ги вративме нашите граѓани кои беа во војска. Но, до тој чин имавме 87 жртви по боиштата на Југославија. Зошто, се прашувам?

Го одбегнавме отворањето на јужниот фронт, кој можеби ќе беше и крај за нашата идеја за прогласување на наша независност.

Се создадоа основните претпоставки да профункционираме како независна држава, согласно барањето на Венс и Овен, кои беа преговарачи за Југославија.

Докажавме дека имаме капацитет на државотворен народ.

И го започнавме патот како држава за која со векови се бореле нашите предци.

И до денес битката продолжува.

Но, состојбите сега се променети на подобро. Целата меѓународна заедница застана зад нашата државност.

Сме рамноправна членка на ООН, на НАТО и речиси на сите меѓународни организации.

Сме во процес на отворање на преговорите за членство во ЕУ, но работите тука се усложнија.

Сепак, денеска, по 35 години, Македонија станува препознатлива држава за меѓународната заедница.

Борбата продолжува за наше поуспешно етаблирање на меѓународната сцена како независна држава, колку долго и да трае тоа.

Македонскиот народ и неговите сограѓани никогаш не водеа освојувачки војни. Водеа и организираа отпор и револуционерни борби за национална слобода и правда, за остварување на вековниот стремеж за своја држава.

Водеше борба на интелектуалното поле, на културен план и, се разбира, со аргументите за идејата за создавање своја држава.

Визиите, идеите, мислите, мирољубието и великодушноста отсекогаш беа најсилните оружја на македонскиот народ, секогаш здружен со своите собраќа од сите други националности од нашиот заеднички дом – Македонија.

Тоа е амалгамот на Македонија.

Инбокс7: Почнавме со големи очекувања. Како што рековте, 35-годишниот јубилеј ќе го прославиме како членка на ООН, членка на НАТО и речиси на сите други релевантни меѓународни организации и асоцијации. Но третата стратешка цел, членството во ЕУ, поради спорот со Бугарија повторно како да ни се оддалечува. Дали ЕУ е потврда за нашата државност и каде ќе се движиме понатаму, имајќи ги предвид сегашните непринципиелни случувања на нашиот пат кон ЕУ?

Трајан Гоцевски: Веднаш морам да ви одговорам дека членството во ЕУ не е потврда за нашата државност.

Напротив, зачленувањето во такви организации значи пренесување на дел од суверенитетот на државите членки во тие организации. Но тоа не значи дека државите со тој чин ќе ја изгубат својата моќ.

Државноста, суверенитетот им припаѓаат и зависат само од граѓаните на Република Македонија. Тука мора да се разбере дека македонскиот народ, како мнозински народ, има најголема одговорност за државноста.

Сепак, повеќе од 20 години кандидатски статус, Македонија сè уште е во чекалницата на ЕУ. Тоа не е праведно.

Сите се надевавме дека конечно ќе ги започнеме преговорите за членство во ЕУ, особено по војната во Украина, кога ЕУ проширувањето го прогласи за геополитичко и стратегиско прашање.

На сите нас очите ни беа свртени кон Брисел, каде имаше стотици амбасадорски состаноци, потоа министерски состаноци и десетици самити на ЕУ.

Се „донесе“ одлука со која требаше да се отвори вратата на ЕУ за преговори и прием на земјите од Западен Балкан до 2030 година. Но, по четири-пет години, сè останува на зборови.

Паралелно се работи на докомплицирање на процедурите, а за нас и на вметнување билатерални прашања во преговарачката рамка, што не е во согласност со Копенхашките критериуми.

Состојбата се усложнува и поради ветувањата за забрзан прием на Украина и Молдавија, кои буквално не се подготвени за тоа, а Украина е во војна, па со прием во ЕУ тоа ќе значи внесување на војната во ЕУ?

Доколку ЕУ сака да биде геополитички играч и вистински да ја постигне својата стратешка автономија, тогаш за проширувањето ѝ е потребна вистинска стратешка визија и нејзина брза и ефективна реализација, со што ќе си го врати својот кредибилитет.

Во таа насока е и предлогот на 11 членки на ЕУ, кои бараат одлуките во надворешната политика и безбедноста да се носат со квалификувано мнозинство наместо со едногласност, со цел да се одблокира ефикасноста на ЕУ.

Што се однесува до новата геополитичка динамика, ЕУ мора брзо да реши неколку круцијални безбедносни прашања: забрзан прием на земјите од Западен Балкан во ЕУ и стабилизирање на Југоисточна Европа; да каже кој е нејзиниот одговор за колективната безбедност и одбрана – преку мисијата на НАТО или преку реализацијата на идејата за заедничка европска одбрана и формирањето европски вооружени сили, односно Армија; да одлучи како ќе ја остварува крајната стратегиска потпора на својата одбрана и безбедност – на нуклеарниот потенцијал на Франција или на нуклеарниот потенцијал на САД; и да одговори како ќе ја решава бегалската или мигрантската криза, која зазема сè поголеми размери и станува сериозен социјален, економски, безбедносен и политички ризик за сите европски држави.

Дополнително, ЕУ се соочува со сериозни економски прашања.

Од една страна, силен притисок врз буџетот поради неконтролираното трошење за војната со Русија.

Од друга страна, имаме пролонгирана стагнација или опаѓање на економскиот раст речиси кај сите членки на Унијата.

Од трета страна, како што призна претседателката на ЕК, Фон дер Лајен, на Парискиот бизнис-форум, исчезнале петте столбови на кои се потпирала европската економија: евтината енергија од Русија; отворена светска трговија; зголемен пристап до кинескиот пазар; стратешката заштита од САД и технолошкото водство на Западот.

Од четврта страна, дополнително преземената обврска за зголемување на издатоците за одбрана во висина од 5% од БДП за членките на НАТО ја преоптоварува јавната потрошувачка кај сите членки на ЕУ кои се и членки на НАТО.

Сето тоа може да доведе до кратење на социјалните програми и нови безбедносни ризици за некои членки.

Овие прашања се тешки, бараат смели и брзи политички одлуки за ЕУ да постигне посакувана стабилизација и кредибилитет, или евроскептицизмот ќе расте уште побрзо, а ЕУ нема да биде посакувана цел кај многу земји кандидати.

Но, да се вратиме на нашите маки.

Јас станав скептичен кога Бугарија усвои декларација и истата ја испрати до сите членки на ЕУ. Тогаш изразив голема загриженост, бидејќи по едногласното усвојување на овој документ во бугарското Собрание, Владата во такви услови нема маневарски простор за менување на ставовите кон Македонија.

Дополнително, на таа линија остро застана и бугарскиот претседател.

Се разбира, јас не сум наивен. Тоа беше идеја на бугарската Влада да си ги цементира своите позиции по прашање кое трае повеќе од еден век наназад.

Ние испаднавме малку површни, изгубивме повеќе од пет до шест години, упорно барајќи од Владата да ги смени своите позиции, и тоа во услови на повеќе последователни предвремени избори.

Сега Бугарија доби стабилна Влада, но состојбите кон нас уште повеќе се заострија.

Нас нè боли односот на соседот кон нас, но од тоа нема бегање – се случи. Треба да се најде начин за да се реши спорот.

Но, дали ова прашање ќе го решиме со заострување на односите? Сигурно не.

Ние треба да продолжиме кон европската интеграција затоа што се определивме за европските вредности.

Но мора да сме свесни дека и евроскептицизмот расте.

Затоа ние треба да покажеме трпение, мудрост и активна дипломатија, со што ќе им дадеме шанса на САД, НАТО и ЕУ да ни помогнат. Одлуките, колку и да се тешки, ќе ги носиме ние самите.

Непромислена реторика, вербални напади и слично не треба да бидат наша опција. За дел од проблемите имаме и ние вина.

Години изгубивме за докажување на нашите корени, кои се неспорни.

Партизацијата на институциите и по ова прашање ја наруши довербата во сопствената држава.

Масовните иселувања, во кои удел има и неизвесноста од европската интеграција, се голема опасност за нас.

И бугарските пасоши се голема опасност за нас. На тоа укажувам со години наназад, но никој не сака да го анализира тоа прашање и да преземе соодветни чекори.

Некои ме прашуваат дали, по 35 години надежи за членство во ЕУ и подобар живот на граѓаните, кои не се случија, ја заслуживме независноста.

Одговорот е едно големо ДА.

Тоа е најголемиот историски национален проект во нашата држава.

Независноста на државата е најголемото достигнување со кое треба да се гордееме.

Нашиот народ има сили, енергија и паметни млади луѓе, кои знаат успешно да си ја водат државата и без членство во ЕУ. Но треба да им обезбедиме услови. Тоа е одговорност на нашите лидери.

Мора да разбереме дека да се има сопствена држава е голема, голема привилегија.

Ние немаме резервна татковина.

Затоа одговорноста е голема и секој од нас треба да се вложи докрај за да имаме држава со која сите ќе се гордееме.

За независна македонска држава, дом за сите нејзини граѓани, компромис нема и не може да има.

Инбокс7: Ни се случија Времената спогодба со Грција, Рамковниот договор, Договорот од Преспа, Договорот за добрососедство со Бугарија. Ние нудиме пријателство и соработка со сите. Земјава покажува волја за помирување, волја да се решат несогласувањата внатре, но и оние кои ги имаме со соседите. Дали ни се одговара со ист реципроцитет?

Трајан Гоцевски: Секако дека не може да се рече дека кон нас се одговара со ист реципроцитет на нашите залагања да решаваме прашања кои не се решени со децении, да градиме добрососедски односи, да правиме отстапки на наша штета за да решиме наши стратешки прашања, но и регионални и европски прашања.

Но не можете тоа да го тврдите генерално за сите актери од меѓународната сцена. Тоа не би била реалноста.

Накратко, во овие 35 години:

САД останаа наш поддржувач по сите прашања и наш стратешки партнер на високо ниво.

НАТО, каде што сме рамноправна членка, во сите кризни времиња ѝ помагаше на Македонија да ги надмине своите внатрешни и надворешни безбедносни ризици, ни помагаше во услови на елементарни непогоди.

Европската Унија, исто така, цело време вложува човечки и материјални ресурси за постигнување повисоки стандарди во сите области на нашето живеење.

Сега потпишавме договор за стратешко партнерство и со ЕУ.

Обединетото Кралство исто така потпиша стратешко партнерство со нас како држава.

Најголем број држави во овие 35 години секогаш даваа поддршка на нашата држава и помош во одредени сектори за кои е оценето дека има потреба.

И соседите исто така помагале. И тоа мора да го цениме и правилно да го вреднуваме.

Но мора да сфатиме дека државите во светот денеска своите односи ги градат врз основа на своите интереси.

И тогаш повеќе нема реципроцитет и пријателство, туку заштита на свои интереси, без разлика дали тоа би му наштетило на некој друг или не.

Интересите се трајни, а не пријателството.

Ние мора тоа да го сфатиме, да го разбереме, да учиме и ние да си ги остваруваме нашите интереси, и тогаш ќе ни биде полесно за разбирање на некои односи во меѓународната политика.

И во однос на условите за започнувањето на преговорите за членство во ЕУ треба да се водиме исклучиво од нашите државни и национални интереси.

Тоа е легитимно и, верувајте, повеќе се цени во меѓународните односи отколку правењето разни компромиси на своја штета.

Инбокс7: Македонија шест години е членка на НАТО. Дали, откако станавме дел од најголемиот воено-политички сојуз, во земјава и понатаму се соочуваме и со промена на безбедносните предизвици?

Трајан Гоцевски: Од наша страна, успешно го окончавме долгиот и неизвесен пат кон оваа Алијанса, кој траеше цели 28 години.

Но, сепак, станавме дел од евроатлантската безбедносна зона.

Со брзото и успешно интегрирање на нашата Армија во сите структури на НАТО, покажавме дека сме подготвени да го споделиме товарот на новите безбедносни ризици и предизвици со останатите членки на НАТО, подеднакво, очекувајќи долгорочно безбедносно усидрување на немирните балкански простори.

Со овој чин нашата држава ја потврди и подготвеноста за учество во мисиите на НАТО во други региони и држави, каде што мирот и стабилноста се нарушени.

Го прифативме НАТО како политичко-воен сојуз кој се заснова на слободно изразена политичка волја на државите, на принципот на меѓусебна солидарност, на принципот на почитување на сувереното право на секоја држава членка да одлучува за своите национални интереси, но и на почитување на заедничките вредности кои ги прифаќаат и почитуваат неговите членки.

Го прифативме НАТО како безбедносен чадор кој солидарно се грижи за одбраната на своите членки и кој создава безбедна инвестициска клима, која овозможува слободно движење на граѓаните, стоката, капиталот, технологиите и знаењето како предуслов за добра бизнис-клима и економски просперитет на земјите членки во евроатлантската зона, која обединува пазар на над една милијарда луѓе.

Потрошувачката на НАТО е сериозен потенцијал за развојот на економиите на сите држави членки на Алијансата, како простор безбеден за слободното движење на луѓето, капиталот, добрата, услугите, технологиите и сè што е поврзано со економскиот просперитет на земјите членки.

НАТО дејствува и како безбедна економска зона за развој и унапредување на принципите на слободниот пазар и функционалната пазарна економија.

Да завршам: НАТО го прифативме како организација која ќе донесе мир, стабилност и економска благосостојба и со која заедно ќе одговараме на сите безбедносни предизвици и ризици, кои сега се и наши и заеднички со НАТО.

А нив ги има, и многу, и се понови.

Ги има и внатрешни и надворешни:

Пандемиите.

Сајбер-нападите.

Тероризмот.

Нападите на критичната инфраструктура.

Бегалската криза.

Климатските промени.

Трката во вооружувањето која го зафати и нашиот регион.

Тоа се заканите на кои се бара одговор.

Но сега не сме сами.

Покрај НАТО, со потпишувањето на договорите за стратешко партнерство, и ЕУ, и САД и Обединетото Кралство се со нас.

Сега е потребно сплотување на нацијата во борбата против овие зла на денешнината.

Особено е потребно обединување околу создавањето општествена отпорност за надминување на внатрешните безбедносни ризици и предизвици, кои нема да ни ги реши никој однадвор.

Во еден дел таа се случи, а во другиот дел ги засили постојните антагонизми и поделби во општеството и по тоа прашање, што, пак, придонесува да се појавуваат одредени институционални слабости.

Наша најважна задача е, и понатаму останува, креирање ефикасен и современ систем за национална безбедност, кој заедно со сојузниците ќе даде брз, ефикасен и посакуван одговор на секој безбедносен ризик.

Да создаваме општество отпорно кон сите закани.

Да извлечеме поуки од досегашното 35-годишно искуство и да ги поставиме на здрави основи сите делови од системот за национална безбедност.

Инбокс7: Дали изминатите 35 години секогаш се движевме во правилна насока?

Трајан Гоцевски: Секако дека многу настани, случувања, постигнувања, разочарувања и слично не се движеа во насока која ја посакуваа граѓаните на нашата држава.

За тоа може да се зборува многу.

Јас ќе издвојам само дел од нив:

Од првите повеќепартиски избори во 1990 година до денеска, ниту еден парламентарен состав не помина без поделби, бојкот, оспорувања, неприфатливи односи парламентарно мнозинство – опозиција и обратно, вклучувајќи и инциденти и насилство.

Таквите настани во највисокиот законодавен дом правеа компромитација на демократијата и демократските односи во општеството.

А функционирањето на парламентарната демократија е основен индикатор за општество со созреани демократски вредности.

Аналогно на тоа, изостана и повидлива демократизација на целото општество.

Немаме видлива поделба на власта.

Функционирањето на правната држава и владеењето на правото се незадоволителни.

Сè уште имаме неприфатлив степен на корупција.

Имаме комерцијализација на јавните добра за недржавни потреби.

Сè уште е недоволно учеството на четирите стабилизатори во креирањето на јавните политики, како што се: академската заедница, бизнис-заедницата, невладиниот сектор и, се разбира, медиумите.

Предолг период имаме заостанување во доменот на динамизирањето на економскиот развој, развојот на образованието, науката и технологијата.

Социјалната и здравствената заштита се на незадоволително ниво.

Високиот степен на партизација на општеството и слично.

Инбокс7: Накратко, што според Вас е најважното што го постигнавме во 35-те години независност?

Трајан Гоцевски: Најважно од сè е тоа што денеска имаме своја независна и суверена држава, вековен идеал на македонскиот народ и на граѓаните кои живеат во неа.

Сме членка на ООН и на другите меѓународни организации.

Сме членка на НАТО.

Сме земја кандидат за започнување на преговорите со ЕУ.

Градиме систем на парламентарна демократија.

Развиваме функционална пазарна економија.

Имаме Академија на науките, универзитети, научни институти, училишта.

Имаме свој респективен систем за национална безбедност.

Имаме своја Армија, која е доверлив партнер со државите членки на НАТО.

Веќе шест години нашата Армија е дел од евроатлантската безбедносна зона и целата територија на Македонија е дел од таа безбедносна зона.

Имаме МПЦ-ОА и верски заедници за слободно изразување на верските чувства на сите граѓани.

Имаме своја дипломатска мрежа.

Ги имаме сите државни институции.

Треба достоинствено да продолжиме да ги развиваме и зајакнуваме сите државни институции, со што ќе ја зајакнуваме и самата држава.

Тоа е само наша задача и никој не може однадвор да ни ја решава.

Секој граѓанин треба да вложи дел од себе за својата држава, а секој политички субјект како стратегиска цел треба да ги има државните и националните интереси, а потоа партиските и личните.

Тогаш ќе имаме стабилна и просперитетна држава.

И, пред сè и над сè – наша држава.

Инбокс7: По повод 35 години од независноста, на 7 септември во Делчево го промовирате првиот том од вашата најнова десеттомна автобиографска едиција насловена „Белешки и анализи“. Што, во основа, содржи оваа едиција и зошто Делчево го одбравте за промоција?

Трајан Гоцевски: Како што ви е познато, Делчево е моето родно место.

Таму го поминав детството, сè до завршувањето на средното образование.

По завршувањето на Економскиот факултет во Скопје во 1973 година, во Делчево ја започнав мојата кариера. Најнапред во фабриката „Фротирка“. Потоа четири години бев првиот претседател на Извршниот совет на Општина Делчево.

По доаѓањето во Скопје, два мандата бев претседател на најпрестижната културно-научна манифестација „Гоцеви денови“, на која Делчево е основач, искрен поддржувач, негова гордост, а посветена на патронот на Делчево, нашиот револуционер, визионер и борец за македонското дело – Гоце Делчев.

Затоа сакав, по повод Денот на ослободувањето на Делчево – 7 Септември, 35-годишнината од нашата независност, 75 години живот и 50 години работа, да споделам со нашата јавност некои мои белешки и анализи за она што сум го работел овие 50 години.

Делчево го одбрав бидејќи во Скопје има доволно настани по тој повод.

Мислев и дека е ред да им се одолжам на моите сограѓани.

Почувствував потреба дел од моите записи за ангажманите во периоди за кои и нема автентични документи, бидејќи настаните се одвиваа зад завеса, тајно, се одвиваа во објекти во кои ние бевме затворани и кои не беа под наша контрола.

Не знаеме што е документирано, а што не е, особено во периодот од 1990 до 1993 и од 1999 до 2001 година и слично.

На дел од тие разговори беше забрането да се водат белешки, па затоа некои белешки ги сочинував отпосле.

Но, да почнам со ред.

Во Делчево работев во „Фротирка“, а потоа четири години бев претседател на Извршниот совет на Општината.

Постигнавме добри резултати во развојот, урбанизацијата, инфраструктурната изграденост, здравството, културата, образованието и слично.

По стапката на развој бевме во првите 10 општини во тогашна Југославија.

Потоа, во Републичкиот секретаријат за народна одбрана и како член на Комисијата за одбрана и заштита на СРМ, покренав и се реализираа многу проекти од одбраната поврзани со стопанскиот развој, финансирањето на одбраната, формирањето на државните резерви, развојот на ридските подрачја, изградбата на наменски капацитети во Македонија, подигање на учеството на македонски фирми во снабдувањето на Армијата и слично.

Периодот на осамостојувањето ме затекна на Филозофскиот факултет.

Од страна на претседателот Глигоров бев назначен за преговарач за решавање на кризата во Југославија, во делот за политички систем, безбедност, одбрана и човекови права.

Тие завршија неуспешно на 13 март 1991 година.

Таму атмосферата за нас беше ужасна.

Белграѓани беа на улица, невидени демонстрации.

Лицитираа со можноста да нè поделат, да нè припојат, кој да нè решава, закани за воен пуч, отворање на јужниот фронт и слично.

Успеавме да се извлечеме од тој вител.

Во новиот формат на преговори со шесте претседатели на републиките бев задолжен за одбраната и за границите.

Најсензибилен проблем беа границите и, знаете, тој проблем се реши по десетина години.

За време на подготовките за референдумот имав многу неблагодарна и опасна задача, а тоа беше да го амортизирам притисокот на тогашната ЈНА врз македонското раководство.

Имаше и уцени и закани и најава за воведување воена управа во Македонија.

Потоа уследи скандалот со регрути кои, и покрај одлуката на Владата, беа испраќани во ЈНА, околу 16.200, и 750 резервисти на ТО, кои добија борбена задача надвор од нашата Република.

По референдумот и донесувањето на Уставот, се создаде состојба на прогласена независна држава со туѓа војска на својата територија.

Јас добив задача да ја надминам таа состојба.

Започнаа преговорите за иселување на ЈНА, подготовките и донесувањето на Законот за одбрана, креирањето систем на одбрана и формирањето на АРМ.

Тој дел од мојот ангажман за Македонија беше голем, ризичен и не сакам никому да му се случи тоа да го работи.

Но тоа беше условот да профункционира нашата независност.

Надминувањето на состојбата да немаме своја армија, а на наша територија да имаме туѓа армија, беше услов од преговарачите за Југославија за да профункционираме како независна држава.

Како член на Советот за безбедност, ги дочекав и бегалската криза во 1999 година и вооружениот конфликт во 2001 година.

Учествував во канализирањето на двата конфликта.

Како член на Советот за безбедност на Република Македонија придонесов да се одбегне прогласување воена состојба, која ќе предизвикаше граѓанска војна и вклучување на балкански држави во војна, што за нас беше ужасно.

Имавме директни закани за тоа.

Историјата ќе покаже колку биле прагматични тие одлуки.

На Филозофскиот факултет работев над три децении и настојував факултетот да стане престижна и препознатлива високообразовна институција во нашата држава.

Како член на Советот за безбедност на Република Македонија во три мандати, настојував да ја уредиме нашата држава како модерна, европска, економски просперитетна, стабилна и безбедна држава.

Тоа отсекогаш беше мојот сон.

Во оваа најнова автобиографска едиција се задржувам токму на тие настани поврзани со моето детство, образование, кариера, создавањето и развојот на независна Македонија од самите почетоци, од Форумот за Македонија, преку членството во првата Влада и функцијата министер за одбрана, до кризата 1999–2001 година, над три децении на УКИМ, од кои две децении декан на Филозофскиот факултет, па сè до денеска.

Полни 35 години.

Во оваа десеттомна едиција сакав да ги сместам моите ангажмани во овие 50 години творење и работа за Македонија.

Се разбира, тоа се мои белешки и анализи и во нив секако има мои погледи и ставови за настаните на кои сум учествувал или за процесите кои сум ги водел.

Тие не можат да ги заменат оригиналните документи кои постојат. Но можат да послужат како дополнителен извор на информации за тие бурни настани за кои нема официјални документи.

И на крајот, дали сето тоа вредеше?

Секако да.

Вредеше трудот за мојата држава.

Без разлика на ризиците со кои сум се соочувал, кои неколку пати го доведуваа и мојот живот во прашање, никогаш не сум се покајал за тоа што сум го работел – за мојот народ, за мојата држава, за институциите во кои сум работел и, се разбира, за моето семејство.

Од денешен агол на гледање на работите, кога преовладуваат материјалните интереси, кога личното е пред државното и кога некои поединци од институции каде сте дале сè од себе за нивниот просперитет, а тие сега едноставно не ве забележуваат, тоа понекогаш ги измешува чувствата.

Од мој агол на гледање, тоа не е битно.

За крај, на сите наши граѓани им го честитам Денот на независноста на Македонија и да ни е вечна и благословена државата, за сите времиња.

Related posts

EU се согласи на заем од 90 милијарди евра за Украина без користење на замрзнатите руски средства

admin

Таравари бара оставка од Ахмети, ДУИ ја обвинува опозицијата

admin

Нагазна мина во Атина: Аман комшија, не нѐ „брани“

admin

Трамп има можност доброволно да се предаде до 25 август напладне

admin

Што значи за РСМ стратешкиот договор со САД?

admin

Шокантни мејлови од досието Епштајн: Мозоци од починати лица од Македонија испраќани во САД?

admin