31.8 C
Скопје
7 септември, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Од 8,2 на 9,7 милиони евра: Обвинението против Груби и останатите стана „потешко“

Поранешниот вицепремиер Артан Груби и уште петмина обвинети во случајот „Државна лотарија“ денеска пред Основниот кривичен суд Скопје се изјаснија дека не се виновни, додека Обвинителството го прецизираше обвинението и ја зголеми проценетата штета од 507,6 милиони на 596,1 милион денари, или околу 9,7 милиони евра.

Новата проценка произлегува од вештачење и е за околу 1,5 милиони евра повисока од претходно наведената штета од 8,2 милиони евра.

Груби, кој беше спроведен во судот од куќен притвор, пред судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски изјави дека разбира за што е обвинет и на прашањето дали се чувствува виновен кратко одговори: „Не“.

Како невини се изјаснија и поранешниот генерален секретар на Владата Методија Димовски и уште четворица обвинети кои биле членови на Надзорниот одбор на „Државна лотарија“.

Рочиштето повторно одложено

Последниот обвинет, Башким Авди, не се изјасни за вина бидејќи побара обвинението и релевантните материјали да му бидат доставени на албански јазик.

Тој пред судот кажал дека не разбира целосно за што е обвинет и дека очекувал документите да ги добие на својот мајчин јазик.

Поради тоа, судијката ја одложи главната расправа.

Шуплиновска-Јовевски праша зошто ваквото барање не било поднесено порано, особено бидејќи станува збор за предмет во кој има обвинети со мерки за обезбедување присуство.

Обвинителот Александар Давчевски оцени дека обвинетиот го користи правото на мајчин јазик на начин што ја одолжува постапката, додека одбраната на Авди го отфрли тоа тврдење и инсистираше на неговото законско право на превод.

Обвинението сега тежи 596 милиони денари

Според прецизираниот обвинителен предлог, обвинетите се товарат дека во 2023 и 2024 година ги пречекориле службените овластувања во врска со набавка на видеолотариски терминали за електронски игри на среќа.

Обвинителството тврди дека тие знаеле оти АД „Државна лотарија“ нема право самостојно да приредува електронски игри на среќа преку вакви терминали.

Со новото вештачење, штетата што, според обвинението, била предизвикана на компанијата е проценета на 596.125.511 денари.

Вината на обвинетите не е правосилно утврдена.

Сменета и правната квалификација

Истрагата започна во декември 2024 година, кога осомничените првично беа опфатени за проневера во службата.

Подоцна Обвинителството ја промени квалификацијата во злоупотреба на службената положба и овластување.

Обвинителот Даниел Коцев денеска рече дека промената била направена бидејќи во истрагата не биле обезбедени доволно докази за да се докаже проневера во службата.

Според него, обвинителите мора да го квалификуваат делото според доказите, а не според висината на казната.

Разликата е значајна: за проневера во службата во потешките облици е предвидена значително повисока затворска казна, додека за злоупотреба на службена положба во конкретната квалификација максималната казна е пониска.

Бајрами и натаму во бегство

Првообвинетиот, поранешниот директор на „Државна лотарија“ Перпарим Бајрами, и натаму е недостапен за органите на прогонот и по него е распишана меѓународна потерница.

Судот донесе одлука нему да му се суди во отсуство.

Обвинителството откри детали и за безбедноста на Груби

Коцев денеска изјави и дека пред враќањето на Груби во земјава, МВР и Агенцијата за национална безбедност доставиле информации дека неговата безбедност била загрозена.

Според обвинителот, станувало збор за сложена и делумно класифицирана проценка која опфаќала информации собирани во подолг период.

Тој рече дека тие информации биле еден од факторите земени предвид кога притворот на Груби бил заменет со куќен притвор.

Одбраната на Груби, пак, тврди дека обвинението е неосновано и дека во текот на постапката ќе докажува дека тој не презел противправни дејствија.

 

Related posts

Села жестоко удри по албанските опозициски партии

admin

Осум Македонци се изјасниле како Албанци за да добијат работа во општината

admin

Шолц го суспендира процесот за сертификација на Северен тек 2

ninja

Милан Ковач си заминува од Тесла – ја напушта програмата што Маск ја нарече вредна 25 трилиони долари!

admin

Планот на Трамп за мир во Украина се судира со Москва

admin

Каде се Албанците, Охридскиот договор и НАТО? ДУИ со остри критики за владиниот спот

admin