Шпанскиот моден синџир Зара повлече од продажба детски костим за Ноќта на вештерките откако критичари оценија дека неговиот дизајн потсетува на униформите што ги носеле затворениците во нацистичките концентрациони логори, објави германската агенција ДПА.
Костимот се состоел од јакна и панталони со вертикални сино-бели линии и бил дизајниран да изгледа износено. На него имало и печатени мотиви што потсетувале на бодликава жица, додека ознаките на ракавите наликувале на затворенички броеви.
Производот бил понуден како детски костим за Ноќта на вештерките.
По реакциите, тој повеќе не е достапен во интернет-продавницата на Зара.
„Зара Хоум жали за секое недоразбирање што можеби го предизвикал овој детски костим за Ноќта на вештерките. Тој повеќе не е достапен ниту во нашите продавници ниту онлајн“, соопшти компанијата во одговор до ДПА.
Компанијата не одговорила на прашањето зошто при внатрешните проверки пред пуштањето во продажба не била забележана сличноста со облеката од концентрационите логори.
„Костим во стилот на нацистичките концентрациони логори“
Меѓу оние што јавно реагираа беше и израелскиот новинар Дов Гил-Хар.
Тој на социјалната мрежа X оцени дека Зара повторно ги шокира европските потрошувачи со производ што го опиша како костим „во стилот на нацистичките концентрациони логори“.
Спорниот дизајн предизвика особено силни реакции поради комбинацијата од сино-белите линии и деталите што потсетуваат на затвореничките ознаки.
Зара, според ДПА, не објаснила што била првичната инспирација за дизајнот.
Не е прв ваков случај за Зара
Ова не е првпат шпанскиот бренд да повлече производ поради асоцијации со нацистичката симболика.
Во 2014 година Зара повлече детска маица со сино-бели хоризонтални линии и жолта шестокрака ѕвезда на левата страна од градите.
Дизајнот предизвика реакции бидејќи потсетуваше на ознаките што нацистичкиот режим ги принудувал Евреите да ги носат.
Компанијата тогаш се извини и го повлече производот.
Уште порано, во 2007 година, Зара продавала платнена чанта на која, меѓу цветните мотиви, биле прикажани и свастики.
Најновиот случај повторно го отвора прашањето за тоа како големите меѓународни брендови ги проверуваат дизајните пред тие да стигнат до милиони потрошувачи – особено кога станува збор за симболи поврзани со Холокаустот и нацистичките злосторства.


