СДСМ го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека по доаѓањето на власт се откажал од најавите за „подобри позиции“ во европските интеграции и дека земјата и натаму останува со блокиран пристапен процес кон Европската Унија.
Заменик-претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова Пановска, на прес-конференција отвори и прашања за бугарски пасоши и компании регистрирани во Бугарија кај лица што, според неа, се поврзани со ВМРО-ДПМНЕ.
„Каде остана патриотизмот, квази-патриотизмот во редовите на ВМРО или само се тоа бугарските пасоши во нивните редови и фирмите што останаа во Бугарија, а за Македонија и за граѓаните остана блокиран процес“, рече Каранфилова Пановска.
СДСМ потсети на предизборните позиции на ВМРО-ДПМНЕ за Преспанскиот договор, името на државата и европските интеграции и оцени дека по преземањето на власта реториката на Мицкоски се променила.
Каранфилова Пановска рече дека наместо најавените подобри позиции, Северна Македонија повторно е упатена на разговори со Бугарија околу прашањата што го блокираат европскиот процес.
„Колку повеќе го одолговлекуваме процесот, позицијата на Македонија ќе се влошува“, рече таа.
Од СДСМ се повикаа и на пораката на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен дека земјата има место во ЕУ со својот јазик, култура и идентитет.
Партијата ги спомена и изјавите на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за македонскиот идентитет и јазик, како и ставовите на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски за придобивките од членството во НАТО.
СДСМ предупреди дека продолжената блокада на европскиот процес може дополнително да го забави приближувањето кон ЕУ и да придонесе кон продолжување на иселувањето на младите и одливот на бизниси.
Партијата повторно побара Владата да ги исполни преземените обврски и да го продолжи процесот кон отворање на следната фаза од преговорите.

