Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова изјави дека Северна Македонија и Бугарија и натаму различно го толкуваат спорот што го блокира европскиот пат на земјата и оцени дека пред настап кон надвор е потребен домашен политички консензус за прашањата од национален интерес.
Во интервју за Сител, Сиљановска-Давкова рече дека посетата на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен покажала високо ниво на заинтересираност од ЕУ за деблокирање на евроинтегративниот процес.
Таа посочи дека фон дер Лајен препорачала она што Скопје подолго време го бара – разговор меѓу двете страни.
„Госпоѓата Јотова вели дека не е билатерален, туку дека имаме проблем со Европската Унија. А госпоѓата фон дер Лајен вели дека мора да разговарате и низ дијалог да размените различни ставови“, рече Сиљановска-Давкова.
Според неа, проблемот не може да се сведе исклучиво ниту на билатерално прашање, ниту само на однос меѓу Северна Македонија и ЕУ.
„Записникот не е дел од преговарачката рамка“
Претседателката рече дека записникот од разговорите со Бугарија е дел од европските заклучоци, но не и од самата преговарачка рамка.
Таа се осврна и на идејата за уставни измени со одложено дејство, оценувајќи дека за таков чекор е потребен поширок домашен политички договор.
„Не се оди надвор без да се постигне консензус дома и без да има договор, говорам за прашања од национален интерес“, рече Сиљановска-Давкова.
На прашањето дали СДСМ е пречка за таков модел на уставни измени, таа рече дека не го посочува конкретно СДСМ како пречка, туку дека е потребен унифициран став без оглед на разликите меѓу власта и опозицијата.
За писмото од Јотова
Сиљановска-Давкова рече и дека по повод 35-годишнината од независноста добила честитка од бугарската претседателка Илијана Јотова, во која биле наведени и прашања што Софија смета дека треба да бидат решени.
Меѓу нив бил и случајот со Ива Михаилова, за кој Јотова претходно ѝ испратила писмо.
Сиљановска-Давкова рече дека не одговорила на писмото затоа што не сака да интервенира во судството.
Таа додаде дека верува во независноста на судството и во здравствениот систем.

