14.8 C
Скопје
15 октомври, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Граѓаните сè уште го дишат чадот од дивите депонии, регионалните сè уште не функционираат

Дваесет дена чад, над 730 шлепери земја и децении чекање решение. Пожарот на радовишката депонија беше изгаснат, но проблемот останува: додека граѓаните ги трпат последиците, надлежните го најавуваат регионалниот систем за отпад дури за 2029 година.

Автор: Кристијан Трајчов

Градската депонија во Радовиш гореше 20 дена откако истата беше запалена. Пожарот, кој според надлежните бил намерно предизвикан, не згасна по првата интервенција. Огнот продолжи да тлее во отпадот, а чадот и миризбата станаа дел од секојдневието на граѓаните.

Но, пожарот во мај не е изолиран случај. Тој ја отвори старата, но сè уште нерешена тема – како Радовиш управува со отпадот и зошто градот и понатаму мора да се потпира на депонија која претставува еколошки ризик.

Додека регионалниот систем за управување со отпад доцни, постојната депонија останува во употреба. Паралелно со тоа, диви депонии се појавуваат на различни локации, вклучително и на планинаата Плачковица, дополнително оптоварувајќи ја животната средина.

Конкретно последниот пожар траеше околу 20 дена. Но, проблемот со отпадот во Радовиш трае многу подолго.

Командирот на Територијалната противпожарна единица Радовиш Александар Кулушиќ вели дека градската депонија со децении е „бомба“ што тлее и дека пожарот што го вознемири градот бил специфичен поради длабочината на жариштето и присуството на метан.

„Со вода и пена можевме да изгасиме само 40-50 сантиметри од површината, но ѓубрето создава метан кој гори на метар-два длабочина. Единствен начин да се згасне беше со задушување. За тоа ни беа потребни околу 20 дена и нанесовме над 730 шлепери земја за целосно да ја покриеме депонијата со слој од 70 сантиметри“, објаснува Кулушиќ.

Тој посочува на намерно подметнување на пожарот како една од главните причини за последната криза.

„Депонијата беше запалена на 14-ти мај. Ја изгасивме, но веќе следниот ден се запали целиот горен дел одеднаш, што укажува на намерно палење. За да спречиме вакви инциденти во иднина, поставивме пет камери за видео-надзор“, вели тој.

Кулушиќ предупредува на долгорочните последици од ваквите пожари, нагласувајќи дека неселектираниот отпад, од пластика до животински остатоци при горење испушта канцерогени материи, по што се загадуваат почвата и подземните води.

Како трајно решение, тој го гледа воспоставувањето на регионални депонии и итно воведување на процес на рециклажа.

„Регионалните депонии засега остануваат само на хартија бидејќи општините тешко се договараат за заеднички локации. Но, рециклажата е клучна. Со неа не само што би го намалиле количеството на отпад, туку би имале и финансиски бенефит. Мораме да престанеме со стихијното фрлање смет на едно место без никаква селекција“, заклучува Кулушиќ.

Дивите депонии и дрвокрадството ја уништуваат планината Плачковица

Планинарскиот клуб „Бел Камен“ од Радовиш упати сериозни критики и предупредувања за еколошката состојба на планината Плачковица и околината на градот. Планинарите мапираат низа проблеми – од нефункционалност на комуналните служби, преку несовесност на фирмите за сеча, па сè до немоќта на институциите да се справат со дрвокрадството, пожарите и дивите депонии.

Од клубот велат дека иако надлежните повремено интервенираат, состојбата на терен се влошува веднаш по чистењето.

„На повеќе места постојат диви депонии кои повеќе пати се чистат машински од страна на Јавното претпријатие „Плаваја“, но кратко потоа, таму пак се фрла отпад. Потребно е поставување на камери или повремена употреба на дрон, како и почеста контрола од страна на комуналните инспектори“, велат тие.

Тие нотираат дека отпад има и околу самите контејнери по патот до планината, што според нив е резултат на ненавремено празнење и растурање на сметот од страна на кучиња скитници.

Освен тоа, секоја сеча на техничко и огревно дрво е придружена со купишта ѓубре.

„Околу секоја сеча се забележува значителен отпад: пластични шишиња, канти од моторно масло и бензин, конзерви и пластични кеси. Најдобро е овој отпад да се врати во градот. Фирмите кои добиваат тендери за сеча мора да се обврзат преку договорите дека ќе го спазуваат шумскиот ред, каде што спаѓа и отпадот“, децидни се тие.

Од Планинарскиот клуб воедно повикуваат и на казнување на оние кои ја загадуваат планината.

„Институциите мораат да излезат на терен за да се подобри состојбата и свеста генерално. Доколку секој посетител е совесен, треба отпадот да го врати дома во градските контејнери. Ова треба да се учи од најмала возраст, дома и во училиште“, велат од „Бел Камен“.

Планинарите бараат и засилени контроли на шумската и сообраќајната полиција за да се запре дрвокрадството, но потсетуваат и на лошата опременост при справување со пожарите.

„Искуството од претходните години ја покажа немоќта на системот против пожари. Конкретно за планината Готен минатата година, доколку не беше помошта од другите кои помогнаа со авиони за гаснење, состојбата ќе беше катастрофална“, заклучуваат тие.

Градската депонија е закана за јавното здравје

Лошото управување со комуналниот отпад, недоволната еколошка свест и слабиот институционален капацитет го прават Радовиш, но и цела држава, заложник на дивите депонии. Инженерот за животна средина Столе Георгиев алармира дека состојбата е критична и дека се потребни итни системски решенија, а не само привремено „гасење пожари“.

Еколошката слика во Радовиш со децении е оптоварена од неуредената локација за одлагање отпад. Георгиев посочува дека таа локација не ги исполнува ниту минималните стандарди за депонија.

„Состојбата со сегашната локација за отпад е децениски проблем. Тоа не е регулирана депонија, туку е локација за одлагање на отпадот, таканаречено ѓубриште, кое претставува постојана закана за јавното здравје и за животната средина. Неопходно е итно затворање и рекултивација според еколошки стандарди“, вели Георгиев.

Неодамнешниот пожар на градската депонија, кој траеше повеќе од 20 дена, го вклучи црвениот аларм кај граѓаните. Чадот беше совладан со потрупување на отпадот со земја, но Георгиев објаснува дека тоа е само брза интервенција во вонредна ситуација.

„Потрупувањето е класична оперативна мерка за гасење подповршински пожари за да се сопре дотокот на кислород. Но, тоа е само санирање на последица. Вистинското решение бара постојан надзор, физичко обезбедување за да се спречи човечки фактор или самозапалување, и конечно, целосно затворање на локацијата“, појаснува тој.

Воздухот и отпадните води – невидливиот еколошки непријател

Проблемите на Радовиш не завршуваат со депонијата. Според инженерот, аерозагадувањето во зимските месеци е исклучително алармантно, пред сè поради индивидуалното греење каде често се користат несоодветни ресурси како пластика, текстил и иверица. Дополнително, заштитата на водените ресурси останува голем предизвик.

„Управувањето со отпадните води е проблем бидејќи само градот Радовиш е опфатен со пречистителна станица. Во останатите населени места водите директно се испуштаат во околината, што влијае врз квалитетот на површинските и подземните води“, истакнува Георгиев.

Регионалната депонија – единствен излез

За Столе Георгиев, потребата Радовиш да стане дел од регионален систем за управување со отпад е критична. Малите општини немаат капацитет сами да изградат депонии по стандарди на ЕУ.

„Регионалниот пристап е единственото одржливо решение. Динамиката е пребавна, процесите заглавуваат во администрација и локални отпори, но регионалните депонии мора да станат реалност во наредните неколку години бидејќи тоа е наша меѓународна обврска“, смета тој.

Георгиев вели дека треба да се преземат неколку чекори за решавање на проблемот со депонијата и еколошката свест генерално.

„Потребен е постојан надзор и обезбедување на депонијата за да се спречат нови палења. Итно треба да се забрза со процесот за воспоставување на регионалниот систем за управување со отпад. Неопходно е воведување вистинска примарна селекција на отпадот во домаќинствата и институциите, компостирање на органски отпад, рециклирање пластика и хартија. Поголема едукација и вклученост на локалната заедница и невладиниот сектор. Зајакнување на капацитетите на локалните институции за контрола и следење и брза реакција за заштита на животната средина“, дециден е Георгиев.

Југоистокот и Вардарскиот регион ќе имаат заедничка регионална депонија

Општина Радовиш, заедно со другите општини од Вардарскиот и Југоисточниот регион, се подготвува за решение на проблемот со сметот. Градоначалникот Љупче Почивалец открива дека по децении „привремено“ складирање, државата преку странски консултанти работи на воспоставување современ систем кој вклучува регионални депонии и фабрики за преработка на отпад.

Според Почивалец, македонскиот систем за отпад е заглавен во минатото. Тој вели дека освен скопската депонија, никоја друга не ги исполнува условите.

„На ниво на држава, единствена депонија што е по стандарди е „Дрисла“ во Скопје. Другото не се води како депонија, туку како привремено складирање на отпад. Ама тоа „привремено“ трае веќе 70 години. Тука станува збор за децениски проблем каде само се фрла ѓубре, без соодветно потрупување со земја“, вели градоначалникот.

Тој откри дека за потребите на регионалните депонии, Владата ангажирала грчка консултантска фирма која веќе изработува физибилити студија.

„Ќе има шест, а можеби и четири регионални депонии во државата. Ние како град сме опфатени во делот заедно со Вардарскиот регион и Југоисточниот дел. Најсоодветна позиција според сите параметри во моментов е селото Добрешинци во Општина Василево. Постапката е во тек, а студиите треба да се предадат до Владата кон крајот на август или почетокот на септември за да се направи финансиската конструкција“, објаснува Почивалец.

Планот предвидува сегашната депонија во Радовиш да се трансформира во претоварна станица на површина од околу 2.000 метри квадратни. Таму ѓубрето од градот, а веројатно и од Општина Конче, ќе се собира, ќе се товари во големи камиони и ќе се носи во Добрешинци.

Овој проект не е само еколошки, туку и економски. Регионалните депонии нема да бидат само „буништа“, туку современи погони.

„Тие регионални депонии се како фабрики каде отпадот се селектира и се обработува. Грчките консултанти ни кажаа дека на таа регионална депонија ќе има меѓу 50 и 200 вработени. Тоа е сериозна бројка на луѓе кои ќе бидат дел од тој систем“, истакна Почивалец.

Тој исто така објасни зошто одредени граѓани ја палат депонијата.

„Депониите не се лесни за гаснење. Понекогаш ги палат луѓе заради собирање метали и старо железо за да можат да ги продадат на отпади. Но, доаѓа и до самозапалување од метанот и гасовите што се создаваат внатре во самото ѓубре. Проблемот е секогаш ист на крајот – чад и загадување“, појаснува градоначалникот, додавајќи дека општините сами не можат финансиски да си дозволат изградба на модерни депонии бидејќи се исклучително скапи.

Властите децидни: Депонијата ќе биде функционална во 2029 година

Изградбата на современиот регионален систем за управување со отпад во Вардарскиот и Југоисточниот регион се движи низ сложени административни лавиринти. Иако техничката документација е завршена, физичката работа на теренот кај селото Доброшинци сè уште не е започната.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање даваат реално сценарио: целиот проект треба да биде ставен во функција во 2029 година.

Реализацијата на овој систем се потпира на сериозна финансиска поддршка, примарно обезбедена преку Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

„Проектот се финансира преку заем од ЕБОР кој се состои од две транши: првата до 47,5 милиони евра при потпишувањето на договорот и втората до 7,5 милиони евра по направената длабинска анализа. Дополнително, за реализација на овој инвестициски проект и за техничка помош достапен е и грант од 24 милиони евра од Инвестициската рамка за Западен Балкан“, појаснуваат од Министерството.

Во финансирањето на овој сектор на национално ниво учествува и Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања со дополнителни 6 милиони евра грант за Полошкиот регион.

Зошто доцни изградбата во Доброшинци?

И покрај очекувањата на граѓаните за побрза реализација, на терен сè уште нема резултати. Од Министерството велат дека доцнењето не се мери во години, туку во месеци, а причините се од бирократска и пазарна природа.

„Во моментов физичката изградба на регионалната депонија кај с. Доброшинци сè уште не е започната. Пред почетокот на градежните работи неопходно е да се комплетираат имотно-правните односи, да се обезбедат сите потребни дозволи и да се завршат тендерските постапки за избор на изведувач“, велат тие.

Од Министерството додаваат дека причините за поместување на роковите се повеќеслојни.

„Тука спаѓаат сложените имотно-правни постапки, потребата од дополнителни технички анализи, долготрајните јавни набавки и влијанието на глобалните економски услови врз големите инфраструктурни проекти“, потенцираа од Министерството.

Општините трпат штети, но средствата се сигурни

Додека се чека на регионалниот систем, општините продолжуваат да менаџираат со отпадот на стариот начин, што носи дополнителни трошоци за кои Министерството нема прецизна национална проценка.

„Висината на трошоците за општините зависи од нивната големина и количината на генериран отпад, но тука се и трошоците за одржување на постојните депонии, интервенциите за гаснење пожари и чистењето на дивите депонии. Воспоставувањето на регионалниот систем значително ќе ги намали овие оперативни и еколошки трошоци“, нагласуваат тие.

На прашањето дали постои ризик Македонија да ги изгуби парите од ЕБОР поради пролонгирањето, од Министерството уверуваат дека комуникацијата со банката е редовна.

„Во моментов не постои одлука за губење на обезбедените финансиски средства. Преземаме мерки за забрзување на постапките и подобрување на координацијата за проектот успешно да се реализира. Најреалното сценарио е во 2029 година целиот проект да биде ставен во функција“, заклучуваат од Министерството за животна средина.

10 милиони евра за модерен систем за отпад во двата региони

По децении чекање, процесот за воспоставување современ систем за управување со отпад за Југоисточниот и Вардарскиот регион влегува во клучна фаза. Раководителката на Секторот за отпад во Министерството за животна средина Ана Каранфилова Мазневска, открива дека теренските анализи се во тек, а првите тендери за изградба и набавка на опрема се очекуваат наредната година.

Според Националниот план за управување со отпад од 2021 година, државата се одлучи на спојување на планските региони. Така, Југоисточниот регион ќе дели заеднички систем со Вардарскиот регион.

„Регионите ги споивме поради количината на отпад и бројот на жители. За една депонија да биде економски исплатлива и правилно да се одржува, потребна е „економија на обем“. Тоа значи дека со повеќе собрани количини на отпад, крајната цена за граѓаните ќе биде пониска, а системот функционален“, појаснува Каранфилова Мазневска.

Во моментов, стручни екипи вршат детален скрининг во сите општини за да се утврди реалната потреба од инфраструктура. Вкупната вредност на проектот само за овие два региони изнесува околу 10,5 милиони евра, средства обезбедени преку втората транша од кредитот на ЕБОР.

„Се прави прецизна анализа на количините отпад, постоечките возила и потребите на комуналните претпријатија. Мораме точно да знаеме колку канти и контејнери се потребни, какви возила со која кубикажа ќе се движат низ големите градови, а какви низ тесните улички. До 2027 година ќе се подготвува целата документација, од физибилити студии до оцена на влијание врз животната средина, по што ќе следи објавувањето на тендерите за набавка на возила, изградба на претоварни станици и самата депонија“, вели таа.

Иако досегашната локација во Добрешинци се смета за примарна, Министерството остава простор за измени.

„Засега локацијата е таму, каде што е сегашната депонија, но се разгледуваат и други опции за да се потврди дали таа е навистина најсоодветна. Имаме обезбедено средства и за затворање на сите постојни диви депонии во регионите“, нагласува Каранфилова Мазневска.

Новиот концепт предвидува граѓаните да го селектираат отпадот на изворот. Ќе бидат поставени жолти контејнери за сува фракција (рециклирање) и зелени за мокра фракција. Само мократа фракција ќе завршува во регионалната депонија.

„Локалните комунални претпријатија ќе го собираат отпадот и ќе го носат до претоварни станици или до депонијата. За секој тон депониран отпад, тие ќе му плаќаат на новото Јавно регионално претпријатие кое ќе биде формирано за да стопанисува со централната депонија“, објаснува Каранфилова Мазневска.

Едно од клучните прашања за граѓаните е колку ќе чини оваа услуга. Од Министерството уверуваат дека принципот ќе биде сличен како кај сметките за вода.

„Граѓаните ќе продолжат да му плаќаат на своето локално комунално претпријатие, но крајната цена на услугата ќе ја одредува Регулаторната комисија за енергетика. Секој регион ќе има своја тарифа врз основа на трошоците. Ова е процес на кој ќе мораме сите да се навикнеме, бидејќи еколошката култура не доаѓа природно, туку преку постојана едукација и кампањи“, заклучува Каранфилова Мазневска.

Првичните амбициозни планови од 2012 година предвидуваа дека градежните машини на локацијата Шапкар кај василевското село Добрешинци ќе го завршат својот дел од работата уште во 2017 година. Кога тој рок пропадна, државните власти, поддржани од меѓународните кредитори, го преместија еколошкиот спас за 2021, а потоа – по спојувањето на двата региони и за периодот меѓу 2023 и 2025 година.

Парадоксот на овој мега-проект лежи во фактот што пари има, но нема кој да ги потроши. Од вкупниот буџет за петте плански региони вреден 55 милиони евра, обезбеден преку Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и европските грантови, досега се потрошени само околу 2 милиони евра. Но, наместо за камиони, контејнери или современи фабрички погони, овие милиони се слеаја во изработка на физибилити студии, ревизии, анализи и консултантски договори.

Доколку процесот и понатаму продолжи да стагнира, на Македонија ѝ се заканува опасност не само да остане затрупана во сопствениот отпад, туку и да ги изгуби одобрените милионски европски грантови. На крајот на денот, цената за оваа институционална апатија нема да ја платат политичарите, туку граѓаните на Радовиш, Струмица, Велес и уште десетици други општини, кои секојдневно продолжуваат да го дишат чадот од депониите кои одамна требаше да бидат минато.

Овој текст е изработен во рамките на проектот „Заедници со интегритет“, поддржан од Владите на Швајцарија и Шведска во Северна Македонија и имплементиран од Националниот демократски институт (НДИ). Содржината на овој текст е единствена одговорност на авторот и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува ставовите на проектот, донаторите или имплементаторот.  Швајцарија и Шведска не мора нужно да ги делат ставовите изразени во овој текст.

Related posts

ЦИА: Украинските ВИ-дронови ги сведоа шансите за преживување на руските регрути на 20 минути

admin

Снегот го наруши јавниот превоз во Скопје, дел од приградските линии со скратен режим

admin

УЈИЕ дел од ChallengeEU за иновативно високо образование

admin

Вон дер Лајен: Русија сè уште ја гледа Европа низ „сфери на влијание“ додека ЕУ ги разгледува мировните предлози за Украина

admin

Трамп и Зеленски на клучна средба во Анкара: Дали се подготвува нов мировен план за Украина?

admin

Мицкоски најавува: ВРЕДИ нема да добие дополнителен ресор, еден функционер ќе биде и вицепремиер и министер

admin