Кандидатскиот тандем Илијана Јотова – Кирил Валчев освои најмногу гласови во три од седумте избирачки места во Северна Македонија на бугарските претседателски избори од 25 октомври, додека Андреј Ѓуров – Георги Кандев беа први во две секции, а Костадин Костадинов – Петар Волгин во една.
Во Скопје, Јотова–Валчев и Ѓуров–Кандев завршија изедначени со по 38 гласа.
Според објавените резултати, Јотова–Валчев најубедливо победиле во Битола, каде освоиле 32 гласа, наспроти седум за Ѓуров–Кандев.
Во Кавадарци соодносот бил 25 спрема три во корист на Јотова–Валчев, а нивната кандидатура освоила најмногу гласови и во Кочани.
Во Охрид, Ѓуров–Кандев освоиле 12 гласа, еден повеќе од Јотова–Валчев.
Во Струмица нивната предност била поизразена – 16 спрема пет гласа.
Во Прилеп, пак, најмногу гласови добиле Костадинов–Волгин со 10, додека Јотова–Валчев освоиле шест, а Ѓуров–Кандев немале ниту еден глас.
Најголема излезност меѓу избирачките места во Северна Македонија имало во Скопје, каде гласале 105 лица.
Во останатите градови бројот на гласачи бил значително помал и главно се движел меѓу 30 и 50.
Бугарската Централна изборна комисија имала отворени избирачки места во Скопје, Битола, Кавадарци, Кочани, Охрид, Прилеп и Струмица.
Бугарското национално радио објави дека во Северна Македонија речиси и да немало видлива изборна кампања.
Еден гласач, роден во Кратово и кој живее во Скопје, за БНР изјавил дека дел од бугарските државјани во земјата се разочарани од патриотски ориентираните партии во Бугарија, оценувајќи дека тие се појавуваат само повремено и не обезбедуваат континуирана поддршка.

