24.8 C
Скопје
8 октомври, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕГИОН

Нема пробив со Софија: Муцунски бара доверба, Бугарија бара исполнување на обврските

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски изјави дека разговорите со бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова биле конструктивни, но дека позициите на Скопје и Софија и натаму остануваат значително оддалечени, додека бугарската страна порача дека очекува Северна Македонија да ги исполни обврските преземени во 2022 година, вклучително и уставните измени.

Средбата се одржа на маргините на Меѓународната конференција за Коридорот VIII во Софија.

„Средбата беше конструктивна и се одвиваше во позитивен дух, но позициите на двете страни и натаму остануваат значително оддалечени“, рече Муцунски.

Муцунски: Постои висок степен на недоверба

Муцунски рече дека во делот на европската интеграција постои висок степен на недоверба.

Според него, од македонска перспектива таа е поврзана со предвидливоста на пристапниот процес и со досегашното искуство со билатералните барања.

Тој нагласи дека прашањата поврзани со идентитетот, историјата и културата не треба да претставуваат пречка на европскиот пат.

„Без дијалог не може да се дојде до решение, но самиот дијалог не е гаранција за надминување на разликите“, рече Муцунски.

Софија: Очекуваме исполнување на обврските од 2022 година

Петрова-Чамова, пак, изјави дека Бугарија ја поддржува европската перспектива на Северна Македонија, но очекува исполнување на обврските преземени во 2022 година.

„Очекуваме да бидат исполнети како уставните измени, така и сите останати елементи од договорниот консензус од 2022 година“, рече таа.

Бугарската министерка кажа дека од Муцунски побарала да ја информира за временската рамка во која македонската страна очекува да ги исполни преземените обврски.

Според неа, македонската страна посочила дека најнапред треба да се изгради чувство на доверба меѓу двете земји.

„За мене основниот начин да изградиме доверба е исполнување на обврските. Се надевам дека ќе видиме позитивни чекори во таа насока“, рече Петрова-Чамова.

„Ниту една членка на ЕУ не може да даде гаранции“

Во однос на барањата за гаранции од македонска страна, Петрова-Чамова рече дека ниту една земја членка на ЕУ не може однапред да гарантира како ќе се одвива пристапниот процес на една земја кандидат.

Според неа, единственото што една членка може да го понуди е политичка подготвеност да ги почитува преземените обврски.

„Ниту една земја членка не може да ѝ даде гаранции на која било земја кандидат за понатамошниот процес. Она што може да го даде е политичката подготвеност да се придржува до преземените обврски. Сметам дека Бугарија ја покажа таа подготвеност“, рече таа.

Петрова-Чамова оцени дека Бугарија нема дополнителни барања надвор од она што веќе е договорено во 2022 година.

„Најдобрата гаранција е исполнувањето“, рече таа.

Муцунски и Петрова-Чамова разговарале и за продолжување на дијалогот меѓу двете земји во следниот период.

И покрај разликите, двете страни оставија простор разговорите да продолжат.

Муцунски инсистира дека довербата е предуслов за напредок, додека Петрова-Чамова смета дека довербата најдобро се гради со исполнување на преземените обврски.

Коридорот VIII како геостратешка оска

Муцунски во Софија учествуваше и на панелот „Геостратешки контекст на Коридорот VIII“.

Тој оцени дека Коридорот VIII е повеќе од транспортна рута и дека треба да се гледа како стратешка врска меѓу Јадранското и Црното Море, Европската Унија и Западен Балкан.

Според него, успехот на проектот ќе се мери според инфраструктурата што реално ќе биде изградена, а не според политичките декларации.

Бугарската министерка оцени дека Коридорот VIII може да стане стратешка оска Исток–Запад и дека поврзаноста денес значи и поголема безбедност, отпорност и економски развој.

Петрова-Чамова рече дека враќањето на посмртните останки на цар Самуил не било тема на разговорот со Муцунски.

Таа оцени дека чинот претставува „голем триумф за Бугарија“ и дека не треба да се гледа во негативен контекст во однос на Северна Македонија.

Според неа, ова прашање може да има и обединувачка функција, но во моментов фокусот треба да биде ставен на европската интеграција и исполнувањето на обврските.

На средбата било отворено и прашањето за Ива Михајлова, на која ѝ се суди во Кочани за сообраќајна несреќа со смртни последици.

Петрова-Чамова ја поздравила подготвеноста на македонската страна да овозможи преглед од бугарски медицински лица.

Таа рече дека случајот треба да се третира пред сè од хуманитарен аспект и дека целта треба да биде Михајлова што поскоро да добие соодветно лекување.

 

Related posts

Макрон предлага НАТО да испраќа трупи во Украина

admin

Средба на „поглавиците“ или дебата на пратениците?

admin

Ја нарече ДУИ “канцер”, Таравари доби понуда од Меџити

admin

Голем конкурс за вработување во администрацијата на ЕУ

admin

Касами бара уште еден мандат за да ја продолжи “трансформацијата на Тетово”

admin

Цаколи: Сегашниот институционален ќор-сокак на Косово е предизвикан од намерни опструкции, прикриени како правни недоречености

admin