Северна Македонија и Косово ја потврдија определбата за забрзување на заедничките инфраструктурни проекти, особено автопатот Скопје–Блаце и патната врска Призрен–Тетово, за време на официјалната посета на претседателката на косовското Собрание, Албулена Хаџиу, на Скопје.
Хаџиу во вторникот оствари средби со премиерот Христијан Мицкоски, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и претседателот на Собранието, Африм Гаши. Разговорите беа посветени на билатералните односи, регионалната стабилност, европската интеграција и поврзувањето меѓу двете земји.
Во средбата со Мицкоски посебно внимание било посветено на патната и енергетската инфраструктура, соопшти Собранието на Косово.
„Наш заеднички интерес е овие проекти да се реализираат што е можно поскоро, за ветувањата да се претворат во конкретни резултати“, изјави Хаџиу.
Таа нагласи дека инфраструктурното поврзување има значење и за економската соработка и за олеснувањето на движењето на луѓето и стоките.
„Овие проекти имаат значење што ја надминува инфраструктурата. Тие го олеснуваат движењето на луѓето и стоките, а истовремено покажуваат дека Косово и Северна Македонија соработуваат како два добри соседа“, рече Хаџиу.
Според неа, косовското Собрание ќе ја поддржува реализацијата на проектите и ќе го следи нивното спроведување до завршувањето.
Мицкоски: Регионалната соработка носи стабилност
Премиерот Мицкоски по средбата со Хаџиу изјави дека отворениот дијалог и меѓусебното почитување можат да придонесат за економски развој и побрза европска интеграција.
„Верувам дека преку отворен дијалог, меѓусебно почитување и засилена регионална соработка може да придонесеме за поголема стабилност, економски развој и забрзана европска интеграција на регионот“, соопшти Мицкоски.
Иако двете страни ја нагласија потребата од реализација на инфраструктурните проекти, во објавените соопштенија не беа наведени нови финансиски обврски, конкретни рокови или договори за почеток на дополнителни градежни активности.
Гаши и Хаџиу за зајакнување на парламентарната соработка
Хаџиу беше пречекана со државни и воени почести во македонското Собрание, каде што се сретна со претседателот Африм Гаши.
На средбата било разговарано за продлабочување на парламентарната соработка и поддршката за европската интеграција на двете земји.
Соговорниците ја истакнале важноста на политичкиот дијалог и соработката меѓу парламентарните институции, како и потребата од одржување стабилни добрососедски односи.
Сиљановска-Давкова: Добрососедството е важно за европската перспектива
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Хаџиу и изрази задоволство од развојот на македонско-косовските односи.
Според соопштението од претседателскиот кабинет, двете земји одржуваат редовен политички дијалог и имаат заеднички стратешки цели.
Сиљановска-Давкова ја нагласила важноста на регионалната соработка и иницијативите како процесот Брдо-Бриони за поголема стабилност и видливост на Западен Балкан во односите со Европската Унија.
Средби со Меџити, Касами и градоначалниците
Покрај официјалните средби со државните институции, Хаџиу оствари разговори и со претставници на коалицијата ВЛЕН.
Градоначалникот на Чаир и еден од лидерите на ВЛЕН, Изет Меџити, ја пречека Хаџиу во Старата скопска чаршија, каде што разговарале за соработката меѓу Северна Македонија и Косово.
Меџити оцени дека јакнењето на врските меѓу двете земји останува заеднички приоритет.
Хаџиу се сретна и со градоначалникот на Тетово и копретседател на ВЛЕН, Билал Касами, со кого разговарала за инфраструктурните проекти и прекуграничната соработка.
Меџити и Касами имаа средба со претседателката на косовското Собрание и во Амбасадата на Косово во Скопје.
Хаџиу разговараше и со градоначалници на општини со мнозинско албанско население, нагласувајќи ја потребата од директна соработка меѓу локалните самоуправи од двете земји.
Според неа, врските меѓу општините треба да се претворат во конкретни заеднички иницијативи што ќе имаат придобивки за граѓаните.
Двата патни проекта остануваат главен тест за соработката
Автопатот Скопје–Блаце и патното поврзување Призрен–Тетово се меѓу најзначајните инфраструктурни проекти за поврзување на Северна Македонија и Косово.
Нивната реализација би можела да го олесни транспортот на патници и стоки, да ја подобри економската соработка и да го поттикне туризмот.
Но, и покрај повторените политички најави, граѓаните и компаниите сè уште ги очекуваат конкретните резултати од инфраструктурните инвестиции.
Официјалната посета на Хаџиу повторно ги постави овие проекти во центарот на билатералната агенда, без засега да донесе јавно објавен нов календар за нивното завршување.

