Обвинителството и одбраната во судскиот процес против поранешниот апелациски судија Ѓоко Ристов влегоа во спор околу значењето на рачно испишаните белешки и ДНК-трагите пронајдени со околу 350.000 евра скриени во ѕид.
На денешното рочиште, вештак на одбраната сведочеше дека белешките со испишани суми не ги пишувал Ристов, туку неговата мајка Донка Ристова.
Обвинителката Искра Хаџи-Василева, пак, по рочиштето оцени дека овој наод не ја поткопува тезата на обвинителството и дека одбраната се обидува да отвори можност ДНК-трагата на Ристов да била пренесена индиректно.
Ливчињата ги пишувала мајката
Според вештачењето презентирано од одбраната, ракописот на ливчињата пронајдени меѓу парите ѝ припаѓа на Донка Ристова.
Со тоа, според одбраната, Ристов е исклучен како автор на белешките.
Хаџи-Василева потврди дека вештачењето упатува на мајката на обвинетиот како автор, но рече дека останува прашањето како тоа се поврзува со другите материјални докази.
Обвинителката рече дека на фолиите поврзани со парите е пронајден ДНК-материјал кој, според обвинителството, му припаѓа на Ристов.
Според неа, одбраната се обидува да отвори можност дека трагата била пренесена преку допирање на предметите од други членови на семејството.
„Веројатно спинот беше на линија на некаква контаминација“, рече Хаџи-Василева, оценувајќи ја таквата верзија како „хипотетичко и фантастично сценарио“.
На следното рочиште треба да сведочи вештак предложен од обвинителството, кој ќе зборува за начинот на пренесување и толкување на ДНК-трагите.
Сведочење за 70.000 евра во кеш
На рочиштето сведочеше и Ивица Зориќ, татко на сопругата на Ристов.
Тој рекол дека при купување стан вреден околу 140.000 евра, неговото семејство дало половина од сумата – 70.000 евра во готовина, во банкноти од 500 и 200 евра.
Обвинителката оцени дека овој исказ се однесува на семејни финансиски односи кои, според неа, не се директен предмет на обвинението и немаат клучна доказна тежина за случајот.
Случајот го привлече вниманието на јавноста откако при претрес беа пронајдени околу 350.000 евра скриени во ѕид.
Обвинението и одбраната различно ги толкуваат потеклото на парите, белешките и биолошките траги поврзани со доказниот материјал.
Вината на Ристов не е утврдена и за неа треба да одлучи судот по завршување на постапката.

