Еврокомесарката за проширување Марта Кос порача дека Северна Македонија треба да ги усвои уставните измени за да го продолжи процесот на европска интеграција, оценувајќи дека потоа може да се оди напред без дополнителни политички одлуки.
По средбата со вицепремиерот и министер за европски прашања Беким Сали во Брисел, Кос упати директен повик до Владата да ја исполни преземената обврска.
„Не се многу работите што треба да се направат. Станува збор за еден чекор – уставните измени“, рече Кос.
Според неа, по усвојувањето на измените, Северна Македонија би можела да продолжи напред во пристапниот процес без дополнителни политички одлуки.
Еврокомесарката оцени дека сегашниот момент е можност Северна Македонија повторно да го забрза својот европски пат, посочувајќи го напредокот на други земји од регионот.
Таа рече дека очекува наскоро договор за пристапување со Црна Гора и оцени дека и Албанија напредува добро.
„Ова е вистинскиот момент и Северна Македонија да продолжи напред. Од политичарите во Северна Македонија зависи да ги исполнат очекувањата“, рече Кос.
Од Министерството за европски прашања соопштија дека на средбата се разговарало и за Планот за раст за Западен Балкан, спроведувањето на Реформската агенда и можностите за постепено вклучување на земјата во Единствениот европски пазар.
Сали по средбата рече дека процесот на проширување треба да биде попредвидлив и да се темели на заслуги и мерливи резултати.
„Европската интеграција треба да биде процес што граѓаните го гледаат, го чувствуваат и од кој имаат корист“, рече тој.
Како конкретни придобивки ги посочи учеството во СЕПА, можноста за проширување на моделот „Roam Like at Home“ и соработката во дигиталната трансформација.
Уставните измени остануваат централното прашање во евроинтегративниот процес на Северна Македонија.
Според европската преговарачка рамка, нивното усвојување е услов за преминување кон следната фаза од преговорите.
Владата досега инсистира дека процесот мора да има поголема предвидливост и гаранции дека нема да следуваат нови билатерални условувања.

