Поддршката за ВМРО-ДПМНЕ покажува пад, но тоа засега не се претвора во раст на СДСМ, додека кај албанскиот политички блок изборните резултати во Брвеница покажуваат слабеење на ВЛЕН и зајакнување на ДУИ, оцени политичкиот аналитичар Џелал Незири во емисијата „Трилинг“.
Според Незири, дел од гласачите се незадоволни од владејачката партија, но не ја препознаваат СДСМ како доволно силна алтернатива.
„Тие можеби се незадоволни од ВМРО-ДПМНЕ, но сѐ уште не гледаат алтернатива кај СДСМ“, рече Незири.
Тој посочи и на политичка апатија кај дел од електоратот, што, според него, е една од причините падот на една партија автоматски да не значи раст на друга.
Брвеница покажа различни трендови кај македонскиот и албанскиот блок
Говорејќи за предвремените локални избори во Брвеница, Незири рече дека сите партии можат да најдат бројки што им овозможуваат да прогласат одреден успех, во зависност од тоа со кои претходни избори ги споредуваат резултатите.
Тој посочи дека кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ освоил околу 500 до 600 гласа помалку во однос на претходниот кандидат, додека СДСМ добил околу 500 до 700 гласа повеќе во една од споредбите.
Но, споредбата со советничките листи дава поинаква слика – ВМРО-ДПМНЕ има нешто повеќе, а СДСМ нешто помалку гласови.
„Тоа укажува дека гласовите што ги добива ВМРО-ДПМНЕ не се само на етнички Македонци“, рече Незири.
Незири: ВЛЕН се троши, ДУИ го враќа дел од електоратот
Кај албанските партии, според Незири, резултатите во Брвеница покажуваат поизразена промена.
Тој рече дека ВЛЕН изгубил околу една четвртина од гласовите во споредба со претходното мерење, додека ДУИ освоил приближно двојно повеќе гласови отколку во 2025 година.
„Тоа покажува еден тренд дека ВЛЕН како партнер на ВМРО-ДПМНЕ се троши, додека граѓаните кај ДУИ гледаат подостоинствен претставник на нивните интереси во институциите или власта“, рече Незири.
Предвремени избори пред уставните измени?
Незири оцени дека можноста за предвремени парламентарни избори може да се поврзе со прашањето за уставните измени и евроинтегративните обврски.
Според него, доколку Владата реши да оди кон компромис за уставните измени, поверојатно е претходно да побара нов политички мандат.
„Тогаш, најверојатно ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Мицкоски ќе одат на избори за да побараат цел мандат, бидејќи не е политички возможно една година пред редовните парламентарни избори да направат еден таков компромис со гласање на уставните измени“, рече Незири.
Тој оцени дека гласање на уставните измени непосредно пред избори би било политички многу ризично за ВМРО-ДПМНЕ.
Филиповски: Пензискиот дефицит станува сè поголем товар за буџетот
Во истата емисија, универзитетскиот професор Владимир Филиповски предупреди дека дефицитот во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување станува сè поголем товар за државниот буџет.
Тој рече дека при ребалансите редовно се издвојуваат дополнителни средства за покривање на недостигот во ПИОМ, а линеарното зголемување на пензиите дополнително ја зголемило сумата потребна за исплата.
Филиповски оцени и дека економски раст од 3,5 до 4 отсто е позитивен, но дека земја во развој како Северна Македонија треба да стреми кон повисоки стапки на раст.
Тој предупреди и дека демографското намалување и недостигот од работна сила се директен ризик за долгорочната одржливост на пензискиот систем, бидејќи системот зависи од односот меѓу активните осигуреници и пензионерите.

