Министрите за здравство на Северна Македонија и Бугарија, Сашо Клековски и Катја Ивкова, потпишаа во Софија План за соработка во здравството за периодот 2026–2028 година, со кој се предвидуваат заеднички медицински проекти, размена на експертиза и поблиска соработка меѓу здравствените институции на двете земји.
Планот се надоврзува на меѓувладиниот договор за соработка во здравството, потпишан во Софија во 2000 година.
Фокус на конкретни медицински проекти
По потпишувањето, двајцата министри ја посетија специјализираната болница „Мајчин дом“ во Софија, каде се запознаа со работата на Клиниката за неонатологија и со грижата за новороденчиња и предвремено родени деца.
Во разговорите биле опфатени пренаталната дијагностика, масовниот неонатален скрининг и брзата геномна дијагностика.
Разгледани биле и можности за заеднички пилот-проекти, користење лабораториски капацитети и проширување на скрининг-програмите за дополнителни наследни заболувања што можат да се лекуваат.
Двете страни разговарале и за можности за партнерство во роботизирана гинеколошка хирургија и онкогинекологија.
Целта е потпишаниот план да се преточи во конкретни проекти што би можеле директно да ја подобрат дијагностиката и лекувањето на пациентите.
„Вистинската вредност на секој договор не се мери со потписите, туку со придобивките за луѓето“, изјави бугарската министерка за здравство Катја Ивкова.
Клековски: Имаме слични проблеми и можеме да делиме решенија
Министерот Сашо Клековски рече дека здравствените системи на двете земји се соочуваат со слични предизвици и дека размената на искуства може да помогне во наоѓање поефикасни решенија.
Според него, директните контакти меѓу болниците и медицинските специјалисти треба да дадат нов импулс на соработката и да придонесат за поквалитетна и подостапна здравствена заштита.
Документот предвидува соработката да трае до 2028 година и да опфати медицинска наука, болничка соработка, размена на експертиза и развој на нови дијагностички и терапевтски програми.
Практичниот ефект ќе зависи од тоа колку од најавените иницијативи ќе добијат конкретни рокови, институции-носители и буџети.

