Пишува: Никица Корубин
Восхитот од победата на “студентската листа” во Србија, на тамошните парламентарни избори; кај нас се манифестира во форма на разочараност и дефетизам од “сопствената неспособност”, како додаток на случувањата во Албанија и ескалацијата и очигледната компромитација на тамошните автентични протести. Па, така површната опсервација и на едниот и на другиот политички процес, успеваме да го сведеме на речиси метафоричко-ритуална инфериорност, во која секогаш се восхитуваме на туѓото (особено ако доаѓа од Србија) и го негираме и анулираме сопственото. Но, кој е всушност “визионерот” во регионот?
Во 2009 година на плоштадот во Скопје се одржаа студентските протести, главно на студентите-архитекти против изградба на црквата “Свети Константин и Елена”, која дури неодамна е целосно отворена за јавноста. За оние што не се сеќаваат, а и за сите “исчезнати” од јавниот медиумски простор извештаи и репортажи; тоа беше брутална демонстрација на сила, но не од полицијата туку од “поддржувачите” на црквата, во клерикално-националистички изблик со сите можни црковни инсигнии; на наводна одбрана на “религиозноста”. Наспроти секуларноста на јавниот простор.
17 години подоцна, победничката “студентска листа” во Србија, својот завршен предизборен митинг и симболичен влез во Белград на студентите, го предводеше со целосна црковно-клерикална иконографија (која стана симбол во текот на двегодишните студентски протести), а го заврши со изведба на контраверзноста композиција “Маршот на Дрина”, која потекнува од почетокот на 20-од век и се поврзува со (велико)српскиот национализам и хегемонија. Во духот на “прогресивноста и борбата за владеење на правото”. Разликата, и вредносно и временски е драстична.
Кај нас, студентските протести продолжија и во текот на таа 2009 година, и низ годините што следеа, “студентските пленуми” беа кај нас организирани и воспоставени, во време кога српското општество се радикализираше; а обидите за инфилтрација и компромитација имаа различни форми – преку “професорските пленуми”, преку “Шарената револуција”, преку партократското преклопување на исходот од неколкугодишните протести кои кулминираа со изборите во 2016 и случувањата во 2017 година, со нападот на парламентот и де-факто уставниот поредок на државата.
Но, суштината остана. И прогресивната идеја за уставно владеење, функционална држава, нормално општество, ЕУ и НАТО интеграција и ефективно позиционирање и постоење на современа држава. И е присутна до ден денес, како свест на граѓаните. А, таа е многу поважна од акцијата која доцни или чека. Многу пред случувањата во Србија. И во Албанија. Всушност, моделот за “мирна транзиција” беше воспоставен кај нас, извештајот на Прибе, техничка влада, СЈО, независни институции и ослободено “заробено општество”. Т.н “македонско сценарио” кое доскорешниот претседател на Србија, го “таргетираше” како опасноста за неговата власт во Србија.
И затоа ние сме искуствено и историски “супериорни” во следењето на овие процеси; особено со бруталната компромитација на нашето “сопствено сценарио”. Александар Вучиќ, како појавен симбол, а всушнсот “носителите на моќта во Србија”, се покажа дека многу посериозно од нашата “инфериорна јавност” го проценија ефектот на “македонското сценарио” и навремено го превенираа; со очигледна компромитација и инфилтрација во самата студентска листа; каде ќе видите многу повеќе “професори” од “студенти”.
Со длабоко конзервативни и радикално ставови, кои се на уште “потврда” линија од “радикалот Вучиќ”. На темелот на “меморандумот за Косово и Метохија” кои самата “студентска листа” го промовираше пред неколку месеци како “историски и морален императив, кој не е предмет на преговори за неговата суштина”. Со јасна поддршка на Русија и Кина, и никаков став кон ЕУ. И особено никаков посебен став кон соседите, освен лаконското за “добри односи”. Дали на местото на “извршителите” на историскиот концепт на т.н. “српски свет” дојдоа “креаторите”?
Времето ќе покаже. Како што ќе покаже дека всушност Александар Вучиќ, со предвременото признавање на поразот, “докажа” дека може да организира “демократски избори”, за чии нерегуларности се известуваше со месеци, но и на самиот изборен ден – кои ќе биде интересно да се види дали ќе бидат нотирани од победниците, кои се залагаат за владеење на правото – и дека може “мирно да ја предаде власта”. Затоа што веројатно, “суштината на власта и политиката” не е воопшто предадена.
Но, она што е “предадено” и засега целосно отсуствува од наративот на победниците, и особено од наративот во српското општество е ЕУ, јасниот став кон трагедиите од војните кои беа водени од страна на Србија во поранешна Југославија, геноцидот кој е правно-политички докажан и улогата на СПЦ во самото општество и меѓународното политичко позиционирање на Србија. Во кој “периметар” влегува и Северна Македонија.
Но, она што е добро и позитивно, е што српското општество, барем времено, ќе мора да се посвети на самото себе и да се занимава со сопствените граѓани, наместо со реализација на сите пара-историски фикции и хегемонии. И да ги пронајде – и фактички и симболично, и на студентската листа и во општеството – сите рационални, европски и прогресивно-интелектуални поединци и да се соочи со сопственото минато и сегашност; ако сака да има нормална иднина.
И токму во тој “процеп на времето” нашето опшество, толку многу структурно и вредносно различно од српското; да се “осамостои” од сопствената долги години и децении негувана од другите “инфериорност” и да ја види конечно својата “способност и автентичност”. Својот идентитет, кој толку многу е злоупотребен, а толку малку негуван. Својата европска сегашност.

