9.8 C
Скопје
13 октомври, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕГИОН

Тирана во пламен: Студентскиот протест прерасна во хаос, десетици приведени

Студентски протест во Тирана во вторникот прерасна во повеќечасовни насилни судири со полицијата, при што демонстранти оштетија јавни и приватни објекти, поставија запалени барикади и се движеа во групи низ централните улици на албанската престолнина.

Протестот започнал околу 14 часот пред Министерството за образование, но до вечерните часови се проширил кон плоштадот „Скендербег“, улицата „Драч“, зградата на Општина Тирана, „9-катниците“ и Новиот пазар.

Според извештаите на албанските медиуми, полицијата привела десетици лица. Бројките во медиумските извештаи се разликуваат – полицијата претходно соопшти за 23 приведени, додека „Панорама“ подоцна објави дека бројот достигнал околу 40.

Од јајца и графити до камења и солзавец

Тензиите започнале пред Министерството за образование, каде демонстрантите фрлале јајца и испишувале пораки на фасадата.

Дел од нив потоа ги откорнале металните огради и ваделе тули од тротоарот, кои ги фрлале кон зградата. Биле искршени прозорци, а демонстранти успеале да влезат во оградениот простор околу министерството.

Полицијата интервенирала со кордон, а потоа употребила водени топови и солзавец. Во дел од судирите полицајците употребиле и пендреци, според снимките и извештаите на албанските медиуми.

По полициската интервенција, демонстрантите се прегрупирале и протестот продолжил на други локации во градот.

Демонстранти влегле во Општина Тирана

Една група се упатила кон зградата на Општина Тирана, каде биле фрлани камења и пиротехнички средства.

Демонстрантите ја пробиле влезната врата и дел од нив влегле во објектот, по што пристигнале дополнителни полициски сили и започнале приведувања.

На други места биле откорнати огради и поставувани на улиците за да се спречи движењето на полициските возила и водените топови.

Пријавено е и оштетување на приватен деловен објект, од кој демонстранти изнесувале предмети пред да бидат запалени.

Пожари и кај Новиот пазар

Немирите продолжиле и доцна вечерта.

Кај „9-катниците“ биле запалени контејнери и оштетени семафори, а дел од демонстрантите потоа се префрлиле кон Новиот пазар.

Таму биле запалени контејнери, а огнот се проширил и во близина на дел од пазарот со дрвена конструкција, објави „Топ чанел“.

Жители од околните згради фрлале вода од балконите обидувајќи се да го изгаснат пожарот пред неговото ширење.

Полицијата пристигнала на местото, додека демонстрантите се разбегале за да избегнат приведување.

Повредени полицајци, демонстранти и новинари

Во судирите има повредени и меѓу демонстрантите и меѓу полицијата.

Полицијата претходно соопшти дека шестмина нејзини припадници биле повредени. Албанските медиуми јавија и за повредени новинари кои известувале од протестот.

На една од снимките се гледа млад демонстрант со тешка повреда на ногата при полициска интервенција, но целосниот медицински биланс до доцна вечерта не беше јасен.

Албанските власти во меѓувреме демантираа информации што се ширеле дека двајца студенти биле интубирани и апелираа да не се шират непроверени информации.

Нападнати и новинари

Албанската Агенција за аудиовизуелни медиуми реагираше по извештаите дека маскирани демонстранти нападнале новинари и телевизиски екипи.

Агенцијата побара полицијата да посвети посебно внимание на безбедноста на медиумските работници кои известуваат од протестите.

Американската амбасада во Тирана, исто така, реагираше на насилствата и ги повика американските државјани да ги избегнуваат демонстрациите.

До доцна вечерта демонстрантите остануваа поделени во повеќе групи низ Тирана, а полицијата продолжуваше со распоредување сили во централните делови на градот.

Related posts

Обвинителството смирува: Судењата нема да почнат од почеток

admin

УЧЕСТВОТО НА ЖЕНИТЕ ВО ПОЛИТИЧКИОТ ЖИВОТ

admin

Блокадата на Иран од САД ја продлабочува кризата, растат глобалните тензии

admin

СРПСКИОТ МИНИСТЕР ЗА ОДБРАНА: СИТУАЦИЈАТА НА КОСОВО ПРЕДИЗВИКУВА ДЛАБОКА ЗАГРИЖЕНОСТ

ninja

Германија: Поранешниот вицеканцелар Роберт Хабек ја напушта политиката

admin

Усвоен извештајот од ЕП: Албанија е „главен кандидат“, но ризикува застој ако не ги забрза реформите!

admin