Професорот во пензија на Белградскиот универзитет и една од познатите личности во српскиот академски и политички живот, Жарко Кораќ, ја гледа победата на Студентската листа како историска пресвртница за Србија. Но, додека земјата се подготвува за ново политичко поглавје, тој предупредува дека демонтирањето на системот изграден во текот на 14-годишното владеење на Александар Вучиќ ќе биде еден од најтешките предизвици за идната влада.
За Жарко Кораќ, промената на власта во Белград не е само политичка ротација. Таа претставува можност Србија да излезе од моделот на владеење кој, според него, навлегол во речиси сите сегменти на општеството – од медиумите и правосудството до безбедносните служби.
Психолог, универзитетски професор и поранешен вицепремиер на Србија, Кораќ припаѓа на генерацијата интелектуалци што беа дел од демократските промени по соборувањето на Слободан Милошевиќ во октомври 2000 година.
Денес, повеќе од четвртина век подоцна, тој гледа сличности меѓу тој период и победата на Студентската листа. Сепак, ентузијазмот поради промените е проследен со големи прашања: каква политика ќе води новата влада, како ќе се справи со наследството на Вучиќ и дали ќе се промени меѓународната ориентација на Србија?
Во интервју за Инбокс7, Кораќ зборува за иднината на односите на Белград со Европската Унија, Русија и Кина, за перспективите на таканаречениот „српски свет“, но и за Косово – прашањето во кое очекува најмалку промени.
Разговараше: Сељадин Џезаири
Инбокс7: По соборувањето на Слободан Милошевиќ на 5 октомври 2000 година и убиството на Зоран Ѓинѓиќ во 2003 година, падот на власта на Александар Вучиќ, секако, би претставувал главен политички настан на новиот век во Србија. Како гледате на триумфот на Студентската листа?
Жарко Кораќ: Студентската листа, со својот двегодишен отпор, упорност и инвентивност, успеа да ги претвори изборите во референдум за власта на Вучиќ. Тоа е слично на падот на режимот на Милошевиќ во 2000 година.
Во овој момент во парламентот ги имаме само СНС на Вучиќ и Студентската листа, што е единствен случај. Нема други партии, бидејќи избирачите се определуваа само за Студентската листа или за СНС.
Дури и партиите на малцинствата загубија гласачи, па така, за првпат, СВМ, партијата на унгарските избирачи во Србија, има само тројца пратеници.
Интересно е што Шаип Камбери, кој ги претставува Албанците од Прешевската Долина, е единствениот што доби уште еден пратеник покрај себе, па сега имаат двајца претставници во Собранието.
Инбокс7: Во која насока ќе плови српскиот политички брод, на внатрешен и на надворешнополитички план?
Жарко Кораќ: Многу е тешко да се предвиди каква политика ќе води владата што ќе ја изберат пратениците од Студентската листа. Нивната програма е многу општа, во одредени делови нејасна, па дури и противречна.
Сигурно е дека нема да се повторат агресивноста, корупцијата и мракот на режимот на Вучиќ. Со тоа е завршено.
Во регионот сигурно ќе биде подобро, бидејќи Србија нема да ја игра улогата на „големиот брат“, како што тоа агресивно го правеше Вучиќ.
Односите со Европа ќе се подобрат, иако засега не е јасно колку ќе се променат односите со Русија. За продолжувањето на евроинтеграциите, тоа е едно од клучните прашања.
Инбокс7: Според вас, со кои проблеми и предизвици ќе се соочи новата власт?
Жарко Кораќ: Владата ќе има исклучително тешка задача да го демонтира коруптивниот систем на Вучиќ. Во текот на 14 години од неговото владеење, тој систем навлезе практично во сите сегменти на општеството.
Мора да се почне од медиумите и правосудството.
Ги очекува и сериозна реформа на безбедносните служби, кои беа тешко злоупотребувани за политичките цели на Вучиќ, па дури и, можеби, укинување на постојните служби и нивно повторно формирање со нови луѓе.
Инбокс7: Каков ќе биде односот на новата опозиција кон сето ова, имајќи предвид дека владеењето на Вучиќ траеше долго?
Жарко Кораќ: Вучиќ и неговата партија ќе бидат единствената опозиција во парламентот, а Вучиќ ќе биде претседател на својата пратеничка група.
Ќе ги има многу, 104 пратеници од вкупно 250, и не би ја потценувал нивната опструкција на работата на парламентот.
Инбокс7: Што предвидувате, каков ќе биде односот на новата влада кон евроинтеграциите, да не речам евроатлантските интеграции, а каков кон Русија и Кина, не исклучувајќи ја ниту Турција?
Жарко Кораќ: Мислам дека политиката на седење „на четири столчиња“ – ЕУ, Кина, Русија и САД – што ја инаугурираше поранешниот претседател Борис Тадиќ, значително ќе ослаби, бидејќи новата влада ќе има премногу внатрешни проблеми.
Ќе ги подобри односите со ЕУ, веројатно донекаде ќе ги залади односите со Русија, додека Кина беше присутна во тие односи пред сè на економски план, а во Србија веќе нема пари за тие големи проекти.
Допрва треба да видиме колкав е надворешниот долг на Србија и што сè е потпишано.
Србија, за жал, е енергетски зависна од Русија. Русија е мнозински сопственик на НИС.
Просторот за економско и политичко маневрирање е многу тесен.
Инбокс7: Што ќе се случи со таканаречениот „српски свет“?
Жарко Кораќ: Таканаречениот „српски свет“, според мене, ќе го доживее најголемиот удар.
Вучиќ, како најдобриот ученик на Шешељ, беше опседнат со идеите за релативизирање на југословенските граници. Тоа е една од идеите поради кои започнаа и крвавите војни во деведесеттите години.
Тешко дека Додик ќе има толку срдечен пречек во Белград како порано. Тој однос нема да исчезне, но ќе се промени.
А идната реформа на службата за државна безбедност ќе го оневозможи силното мешање во внатрешните прилики во Црна Гора.
Инбокс7: Косово, секако, останува посебно прашање. Очекувате ли напредок кон нормализација на односите или „сè ќе продолжи по старо“?
Жарко Кораќ: Видов дека премиерот на Косово, Албин Курти, изрази надеж дека новата влада би можела да го признае Косово.
Тоа речиси сигурно нема да се случи.
Има многу причини за тоа, меѓу другото и затоа што би влегла во отворен конфликт со Српската православна црква, која студено ја пречека победата на студентите.
Да не заборавиме дека при посетата на Москва, пред речиси една година, патријархот Порфириј изјави дека во Србија е во тек „обоена револуција“, односно ги изедначи студентските протести со политичкото оддалечување на Украина од Москва.
Односите со Косово веројатно ќе останат исти. Тука очекувам најмалку промени.
Но, Курти има еден интересен проблем: сите српски пратеници во Собранието на Косово се од листата на Вучиќ.
Дали некој од нив ќе ја промени политичката страна, останува да видиме.

